Институтот за економски истражувања „Фајнанс тинк“ ја анализираше проекцијата на буџетот за 2025 година, при што забележува умерен раст на БДП од 3,7% и инфлација од 2,2%. Овие проекции се оценети како разумни, но буџетот и понатаму останува под тежината на социјалните потреби на економијата и општеството.
Од Институтот предупредуваат на значителни ризици, вклучително неизвесности во глобалното економско окружување и слабото темпо на раст кај главните трговски партнери, како Германија. Прекумерно амбициозна е и проекцијата за раст на буџетските приходи од 12,8%, што зависи од неколку фактори, вклучувајќи зголемени даноци и борба против сивата економија.
„Иако борбата со сивата економија крие потенцијал од над 700 милиони евра годишно, нејзината ефективност е ограничена во првата година од имплементација,“ нагласуваат од „Фајнанс тинк“.
Иако растот на капиталните инвестиции од 13% изгледа охрабрувачки, проблемите со ниска реализација на проекти продолжуваат. Во 2024 година капиталните трошоци се реализирани само до 42,8% до ноември.
Од друга страна, растот на ставката за плати и надоместоци од 8,1%, како и зголемените пензиски трошоци, го зголемуваат ризикот од фискален дефицит. Проектираниот буџетски дефицит за 2025 година е 4% од БДП, што се смета за амбициозно.
Во анализата се додава дека Предлог Буџетот 2025 предвидува пораст на буџетските расходи за 10.3%, што е пониско од проектираните буџетски приходи и е показател за добра намера.
Институтот препорачува нереализираните капитални средства да не се пренаменуваат за тековни расходи, туку да придонесат кон намалување на буџетскиот дефицит. „Фискалната консолидација е неопходна, но без структурни реформи, социјалните трошоци ќе продолжат да го ослабуваат развојниот карактер на буџетот,“ заклучуваат од „Фајнанс тинк“.
Проекциите за буџетот 2025 година се обидуваат да го балансираат растот и социјалната поддршка, но сè уште зависат од значителни неизвесности и фискални предизвици.
Тие апелира средствата кои нема да се реализираат од капиталните расходи предвидени за 2025 година, а кои не се врзани со наменски заеми и грантови, да не се пренаменуваат за тековни трошоци, туку само да влијаат врз пониско остварување на буџетскиот дефицит.