На прашање на новинарка на прес конференција „како излегоа 5 тони канабис од Македонија во Србија”, премиерот Мицкоски премиерот рече дека немал информации дека запленетата марихуана во Србија била излезена од нашата земја и ја повика новинарката доколку има такви информации да даде исказ во Обвинителството.
Досега нема јасна информација од институциите за потеклото и патот на запленетите 5 тона марихуана во Србија, но големата акција којашто започна на 5 февруари во Македонија, тргна од фабриката за медицински канабис „Алфафарм“, компанија за која се поврзува со аферата за Србија.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека случајот со петте тони дрога кои завршиле во Србија, а според српското обвинителство потекнуваат од Северна Македонија, е „сериозен случај“ и ги најави полициските акции насочени и кон други компании кои ги злоупотребувале лиценците за одгледување канабис.
„Очекувам деновиве МВР да излезе со десетици тони, не со неколку тони, туку со десетици тони на ваков тип недозволени средства, односно недозволени материи, дрога, марихуана во случајов која во моментов се наоѓа во складиштата во Македонија или, пак, на некаков начин имало односи помеѓу одредени правни субјекти, не само во државата, туку и надвор од државата за коишто е констатирано дека се незаконски пуштени во промет, но и незаконски складирани“, изјави Мицкоски синоќа во интервју за јавниот сервис МРТ.
За „српско-македонската врска“ на овој случај индицираше и соопштението на Државното обвинителство на Република Северна Македонија (ГОКК) кое објави дека започнало истрага за пет тони марихуана што била купена во Северна Македонија и пронајдена во Србија, наведувајќи дека Македонското обвинителство за организиран криминал било вклучено во истрагата.
Во соопштението се наведува дека ГОКК бил информиран за оваа афера со дрога во петокот и оттогаш разменува информации со надлежните институции во Република Србија за овој случај „кој има пипала од двете страни на границата“, јави тогаш телевизија Телма.
Истражните органи ги анализираат начините на кои огромни количини дрога ја напуштале земјава без да бидат детектирани од Царинската управа. Постојат индиции дека марихуаната била извезувана како „пломбирана роба“ под лажни декларации за отпад или други земјоделски производи. Се испитуваат точните датуми и регистарските таблички на возилата кои ја поминале границата со Србија, а Царинската управа чека официјални извештаи од српските колеги за да се утврди евентуална инволвираност на царински службеници.
Владата најави дека на седницата закажана за 10 февруари 2026 година ќе донесе одлука за вонредна контрола во сите 43 компании кои поседуваат лиценци за канабис. Здружението за канабис и зелени политики БИЛКА реагираше дека сегашните законски решенија го фаворизираат бизнисот на сметка на пациентите и дека злоупотребите се резултат на долгогодишен отсутен надзор од страна на надлежните министерства.