Новите законски одредби за нефер трговски практики отворија бројни прашања, особено за непродадените производи како бајатиот леб, киселите млека, јогуртите и млечните намази. Трговците стравуваат од акумулација на вакви производи поради забраната за нивно враќање на добавувачите, и бараат итно решение, пишува „Слободен печат“.
Во пракса, трговците веќе чувствуваат последици. Еден трговец од Скопје потврдува дека годинава избегнал да нарача бадникови лепчиња со паричка, за да избегне загуби од непродадените парчиња, бидејќи враќањето на овие специфични производи е строго забрането.
Членот 8, став 20 од Законот предвидува дека трговците не смеат да враќаат непродадени земјоделски и прехранбени производи на добавувачите без да платат за нив. Дел од трговците истакнуваат дека добавувачите во новите договори вметнуваат клаузули кои го потврдуваат овој принцип.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, признава дека има поплаки за повратот на овие производи, како и за доминацијата на увозните стоки на штета на домашните производители. „Некои странски производители плаќаат огромни суми за подобро позиционирање на нивните производи, што создава нерамноправни услови,“ вели тој.
Еден од честите проблеми е користењето двојни ценовници – еден за инспекција, а друг за практична продажба. Новиот закон ограничува и надоместоците за складирање и рекламирање на максимум 10%, со што се намалуваат трошоците што досега значително ја зголемуваа малопродажната цена.
Казните за непочитување на Законот ќе изнесуваат до 20.000 евра за големи трговци, а за одговорните лица од 350 до 500 евра. Во набљудуваниот период до 1 јануари не е изречена ниту една опомена, но трговците бараат појасни технички решенија за предизвиците што ги носи законот.
Со овие мерки, властите се надеваат да спречат манипулации и да создадат поправеден трговски пазар, но останува да се види дали предизвиците ќе се решат на задоволство на сите страни.