Забрчанец: Очекувам извинување и повлекување на клеветите дека стојам зад протестите

Поранешниот координатор за „Отворен Балкан“ во Владата, Марјан Забрчанец реагираше откако во одредени медиуми се појавија клевети дека тој стои зад протестите кои деновиве се организираат по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 59 млади лица.

„Запрете со клеветењето и хушкањето, вашите лаги нема да го угасат гневот кај граѓаните кои бараат одговорност. Јавно се обраќам до сите медиуми и т.н. ‘медиуми’ кои ги објавија или ќе ги објават ваквите клеветења, навреди, хушкања, етикетирања и дезинформации и барам да го повлечат моето име од објавите и да се извинат за намерното предизвикување и ширење омраза и гнев и тоа во време на национална трагедија“ вели Забрчанец.

Тој побара да се повлечат клеветите, навредите и хушкањата кон него, а доколку не се направи тоа ќе реагира согласно Законот за Граѓанска одговорност за навреда и клевета. Забрчанец бара извинувањето да биде објавено на ист начин и со еднаква видливост како и клеветите и навредите и бара да се објават фактите со кои ги побива клеветите.

Како што пишува тој, се клевети дека е неформален координатор и инспиратор на ваквите процеси, за што вели дека не е ниту неформален, ниту формален координатор на протестните движења, дека не ги познава координаторите и дека немал можност да ги инспирира.

„Верувам дека младите имаат доволно причини, а и капацитети самостојно да се инспирираат и координираат“ вели Забрчанец.

Дополнително тој бара извинување за изречената јавна навреда дека е дел од „сојуз на ретроградни елементи од СДСМ и од ДУИ – групации“. Додавајќи дека ретрограден значи ‘крајно заостанат, назаден, што назадува и постапно опаѓа, слабее’.  

„Не сум дел од никаков сојуз на елементи од СДСМ и ДУИ, ниту од Левица – не сум член на ниту една партија“ вели Забрчанец.

Тој исто така истакнува дека е клевета аргументот дека „се обидува да се врати на сцена преку манипулација и злоупотреба на трагедијата“ истакнувајќи дека на никаков начин не ја злоупотребил трагедијата и дека напротив, сочувствува со тагата на семејствата, на Кочани и на целата нација и дека во целост се придржува до етиката која е соодветна на деновите на жалост.

Како четврта клевета Забрчанец ја истакнува наводната „цел да создаде институционална парализа“.

„Со ниту едно дејство не сум дејствувал против институциите, а камо ли да имам намера да ги парализирам – напротив, сум работел за оваа држава и за овие институции и сум создал проекти од кои граѓаните имаат директни придобивки, Отворен Балкан, а тоа се проекти чија имплементација ја продолжи и актуелната власт“ вели Забрчанец.

Тој додава дека согласно Устав и согласно Закон за јавни собири, сите граѓани во Македонија имаат право на јавно собирање заради мирно изразување на мислење и јавен протест.

„Уверен сум – ако во оваа држава има револтирани граѓани и револтирани студенти и млади (а, знаеме дека има), хушкачите и клеветниците нема да успеат ниту да го угасат ниту да го компромитираат поривот и гневот кај револтираните со тоа што ќе клеветат и лажат дека јас сум ги организирал и инспирирал, ниту со клеветите и лагите дека сум имал цел да парализирам институции. Слободата е под закана, но слободните ќе победат“ вели Забрчанец.

Зачлени се на нашиот е-билтен