Задолжување од речиси 2 милијарди евра – Министерството за финансии испрати допис до 22 меѓународни финансиски институции и банки

Министерството за финансии (МФ) испрати до 22 меѓународни финансиски институции и странски комерцијални банки барање за покажување интерес за финансирање на проектот за изградба на брза пруга долж Коридорот 10.

– Станува збор за финансиски институции од Европа, САД, Јапонија и Обединетото Кралство, од кои дел се институции со коишто земјата  и претходно соработувала на одредени проекти. Поконкретно, барањето е доставено до Светска банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Фондот за меѓународен развој на ОПЕК, Француската развојна агенција, КФВ Развојната банка, Италијанската развојна банка, Јапонската агенција за меѓународна соработка, германската ДЗ Банка, Морган Стенли, Уни Кредит Банка Австрија, Сити банк, ЏП Морган, Дојче Банк, Сосиете Женерал, Рајфајзен банк, ЕРСТЕ банк, Банка ИМИ, британската Стандард чартерд, Банка на Америка, јапонската МУФГ Банка, како и  американската  Голдман Сакс. Износот кој се бара за реализација на проектот е 1,91 милијарда евра, соопшти прес-службата на Министерството за финансии. 

Од МФ појаснуваат дека согласно со испратеното барање, одговорот за пројавување интерес меѓународните финансиски институции и странските комерцијални банки треба да го достават до крајот на овој месец, со можност за продолжување на рокот по барање на банките.   

Министерството за финансии го испраќа барањето за пројавување интерес со меѓународните финансиски институции врз основа на Заклучок на Владата и врз основа на законските прописи, односно Законот за јавен долг. Заедно со барањето Министерството за финансии испраќа до меѓународните финансиски институции и банките и образложение за проектот подготвено од Министерството за транспорт и врски и МЖ Инфраструктура, а кое исто така е разгледано од страна на Владата.

Како што изјави претходно министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска,  станува збор за 1,91 милијарда евра кои ќе бидат побарани како понуда од поголема листа на банки, вклучувајќи ги и оние со кои имаме постојана соработка како Светска банка, ЕБРД и ЕБОР. 

Премиерот Христијан Мицкоски очекува изградбата на брзата пруга да почне годинава.

– Очекувам периодот формално да испратат дописи до потенцијалните заемодавачи. Ако се биде како што треба, оваа година очекувам почеток на изградбата на оваа пруга што ќе значи многу во историска и транспортна смисла, изјави денеска Мицкоски  од Битола.

Зачлени се на нашиот е-билтен