Причината за смртта на сите 59 жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани е задушување, потврди професор д-р Александар Станков, раководител на Институтот за судска медицина. Тој објасни дека станува збор за насилно задушување директно поврзано со пожарот, при што четворица од загинатите имале скршеници на ребрата и се задушиле поради компресивна асфиксија, што се случува при стампедо.
– Обдуцирани се 59 лица, од кои 70% се на возраст меѓу 16 и 29 години. Од нив, 16 се жени, а 43 мажи. Кај дел од жртвите се пронајдени изгореници од прв и втор степен, а кај три лица – изгореници од четврти степен. Сите обдукциски извештаи очекуваме да бидат завршени во текот на март, но токсиколошките анализи можат да потраат подолго. Целокупниот материјал ќе биде доставен до Јавното обвинителство, кое ќе одлучи за понатамошните чекори – изјави Станков.
Идентификацијата на жртвите е спроведена со ДНК анализа и дактилоскопија, а процесот е повеќекратно проверен во соработка со МВР за да се избегнат грешки.
Јаглерод моноксидот е најчеста причина за смрт при пожари, а според макроскопските наоди, кај повеќето жртви е присутен во организмот. Овој безбоен и безмирисен гас брзо делува на нервниот систем, предизвикувајќи вртоглавица, дезориентација и парализа на мускулите, што ја онеспособува жртвата да избега. Освен тоа, огнот троши кислород, што дополнително ја влошува ситуацијата.
Професорот Станков нагласи дека обдукциите не само што утврдуваат причина за смрт, туку се клучни и за идентификација на жртвите, особено кога личните документи се уништени во пожарот.
– За да обезбедиме правичен судски процес и како држава да покажеме дека почитуваме правни стандарди, мора да спроведеме целосни обдукции и позитивни идентификации. Само така ќе можеме да одговориме на сите прашања пред судот – истакна директорот на Институтот за судска медицина.