Неколку месеци по трагедијата, лица кои биле присутни во дискотеката „Пулс“ на 16 март 2025 година, а првично немале видливи повреди, почнале да пријавуваат сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи потешкотии со дишењето.
Иако министерот за здравство, Азир Алиу, најави владина поддршка за повредените, вклучувајќи финансирање на скапи третмани и изградба на Центар за протези во Скопје, ова го зголемува револтот на родителите на починатите и на повредените кои во потрага по правда и одговорност, кои изразуваат незадоволството од тоа како тече судскиот процес.
Вчера, второто рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани беше одложено за 2 декември 2025 година. Причина за одложувањето беа реакциите на адвокатите на дел од обвинетите, меѓу кои Дејан Јованов-Деко, Митко Стојанов и други, кои тврдеа дека не го добиле интегрираното обвинение и дека доказната документација е неуредна и хаотична. Судијката Дијана Груевска Илиевска не се согласи со сите забелешки, но прифати дека обвинението не им е доставено лично на обвинетите.
Обвинителството, предводено од јавниот обвинител Борче Јанев, покрена обвинение против 35 лица и три фирми, барајќи одговорност по име и презиме за оние кои дозволиле, молчеле или не ја спречиле трагедијата. Обвинителството приложи околу 1.400 материјални докази, вклучувајќи документи од работењето на дискотеката „Пулс“. Меѓу осомничените се поранешен министер, полициски службеници, локални инспектори и сопственикот на клубот.
Родителите и законските застапници на 63-те загинати лица, кои беа претежно млади на возраст од 16 до 24 години, изразија револт и гнев кон адвокатите и бараат правда. Тие се приклучија кон кривичниот прогон, но надомест на материјална и душевна штета ќе бараат преку граѓанска судска постапка. Јавноста, преку иницијативи како „Кој е следен?“, внимателно го следи судскиот процес.
Пожарот, предизвикан од пиротехнички средства кои запалиле лесно запалив тавански материјал, се случи околу 02:30 часот на 16 март 2025 година. Трагедијата, во која загинаа 63 лица и беа повредени 193, е најсмртоносниот пожар во историјата на Македонија и најсмртоносниот во Европа по пожарот во клубот „Колектив“ во Романија во 2015 година. Истрагата откри сериозни системски пропусти, вклучувајќи недоволен број излези, работа без важечка дозвола и несоодветни инспекции.

