Зајкова: Колку жени треба да умрат за системот да се разбуди и да постапува?

Зајкова

„Денес читаме наслов: 35-годишната жена чие убиство со поврзува со потенцијалниот сериски убиец, била следена од него и тоа било пријавено во полиција. Ова е наслов кој не смее да биде само уште една вест што ќе ја заборавиме утре. До кога ќе се молчи? Колку жртви треба да изброиме за некој да преземе одговорност?“, прашува во својата изјава за медиумите претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова.

По немилите настани кои се случија во Кумановскиот регион, Зајкова потсетува дека иницијативата на ЛДП за електронска нараквица за следење на сторителите на насилство беше отфрлена во Собранието без сериозна аргументација. Денес, кога имаме две пријави против ист човек, една за давење, една за следење – и двете со име и презиме, се поставува прашањето зошто не било постапено од страна на надлежните институции?

„Зборуваме за општина со околу 3500 жители, не зборуваме за илјадници пријави дневно. Зборуваме за две жени кои побарале помош. Едната имала среќа и преживеала. Другата не. Првата јавно изјавува дека ништо не било преземено. Таткото на втората вели дека полицијата отишла кај осомничениот, но бидејќи не бил дома – тука завршило сè. Дали тоа е постапување? Дали тоа е заштита? До кога МВР ќе ги полни билтените со жени жртви на насилство, фемицид, убиства?! Дополнително, докторка констатирала насилна смрт кај двете жртви. Но, за едната не била побарана обдукција. Нејзините родители дури и не знаеле дека станува збор за насилна смрт. Како е можно, по констатација за насилна смрт, да не се побара обдукција? Каде повторно затаија институциите на системот. До кога молк од надлежните?“, прашува Зајкова.

Претседателката упатува прашања и до надлежните за тоа дали има внатрешна истрага во полициската станица и кој одлучил да не се преземат мерки? Кој проценил дека нема ризик и кој ќе ја сноси одговорноста ако се утврдат пропусти?

„Кога имате пријави за проблематично лице, кога жртвите ви го даваат ‘на тацна’ со име и презиме, кога се појавуваат сомнителни околности, а медицинско лице посочува насилна смрт – дали е логично да не се преземе ништо? Колку жени ќе беа спасени ако се реагираше навреме? Не бараме сензација. Бараме одговорност. Не бараме политички поени. Бараме институционално постапување. И најмалку што јавноста заслужува е – одговор. Престанете да молчите“, порачува претседателката Зајкова во изјавата.

Зачлени се на нашиот е-билтен