Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Воздухот нема да биде почист се додека имаме стари дизел возила по улиците

Во лето – сообраќајот, а во текот на зимата – согорувањето на дрвата се најголемите загадувачи на воздухот во Северна Македонија. Ова го покажува последното истражувањето за загадувањето на воздухот во пет општини – Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга, коешто ги идентификуваше главните извори на загадувањето.

Соња ТАНЕСКА

„Идентификувавме шест главни фактори, а тоа се согорувањето на биомаса или дрва, минералната прашина, којашто е поврзана со градежништво и ресуспензија на прашина од улиците, сообраќајот, како специфичен извор на загадување е огнот на отворено и согорувањето на отпад што го забележуваме насекаде во земјата, како и согорувањето на нафта и мазут којшто најчесто се користи за загревање на јавните институции“, вели ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, Дејан Мираковски.

Истражувањата покажуваат дека половина од основните училиштата во урбаната зона се греат на нафта или мазут. Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ на својата мапа на загадувачи лоцираше околу 700 јавни објекти во Северна Македонија кои се загадувачи, бидејќи се греат на мафта и мазут. Околу стотина јавни објекти како болници, градинки, училишта, касарни, судови и други установи во Скопје користат нафта и мазут за затоплување и покрај тоа што градот има централно парно греење. Објекти што го загадуваат воздухот има и во другите градови. Ако е студена зимата тие може да изгорат над 16,5 милиони литри нафта и над 4,8 илјади тони мазут.

Сепак големо влијание на загадувањето има и сообраќајот, а тоа особено се однесува на старите возила кои се движат по македонските улици. За споредба Во 2005 година, моторните возила во Македонија потрошиле 186.436 тони дизел додека пак според статистиките во 2023 година, оваа бројка скокна на неверојатни 639.478 тони – дополнителни 453.042 тони согорени дизел за само две децении.

Врховниот суд неодамна утврди начелен став со кој се отвораат вратите за граѓаните да можат да ја тужат државата поради загаден воздух. Тие во иднина ќе можат да покренат постапка пред Управен суд, поради енормно загадениот воздух. Според податоците на Институтот за јавно здравје, во земјата секоја година умираат од 4.500 до 5.000 граѓани. Од 10 родени деца во земјата, едно починува поради загаден воздух.

Во Македонија годишно се увезуваат околу 35.458 возила, иако најголемиот дел од превозните средства се половни, сепак зголемени се и износите на давачките за возилата кои загадуваат повеќе. Според царината статистиката покажува дека овој механизам фунционира во пракса и велат дека тоа индиректно значи дека во земјата наместо ЕУРО 4 се увезуваат понови модели на возила со норми ЕУРО 5 и 6, кај кои просечната емисија на гасови е 130 до 140 грама СО2 по километар.

Од импортираните автомобили 24,9 отсто од увезените автомобили се внесени како нови, додека преостанатите се половни. Ова значи дека три-четвртини од возниот парк што бил доведен е претходно употребуван во странските земји.

Во однос на возниот парк на автобусите, состојбата е уште подраматична, бидејќи само шест од увезените автобуси се импортирани како нови, додека огромното мнозинство се превозни средства кои пред да пристигнат во Македонија биле користени во странство.

Во делот на староста на возниот парк, најновите податоци од Царинската управа на РСМ укажуваат дека нема промени во однос на преференциите на македонските граѓани, кои се првенствено ориентирани кон набавка на веќе употребувани возила. Сепак, од споредбата на увезени возила во однос на претходните години може да се увиди дека расте интересот за купување на ново превозно средство.

Државниот завод за статистика допрва треба да го објави бројот на регистрирани возила во земјава, како и просечната старост на возниот парк, но сигурно е дека трендот на раст на моторизацијата на македонското население ќе продолжи и следната година.

На зголемениот увоз на половни возила од странство влијае и исклучително либералната политика на централните власти бидејќи иако подолг период се најавува под притисок на јавноста се уште се дозволува увоз на возила со ЕУРО 5 стандардите за емисија на издувни гасови.

Претходната Влада, на почетокот на годината информираше дека Министерството за финансии се изготвува анализа за моторни возила и реформи за оданочување на возилата која е координирана од Светската банка, од која треба да произлезе Акционен план во кој прецизно ќе се наведе периодот на укинување на увозот на возила со под ЕУРО 5 мотори, сепак новата Влада засега ништо не спомнува какви се идните планови. Од Владата и не одговорија на прашањата на Рацин.мк до каде е оваа иницијатива.

Во моментов во земјата можат да се увезат возила кои исполнуваат најмалку ЕУРО 4 стандард. Извештајот на Програмата за животна средина на Обединетите нации објавен во 2020 година под насловот „Користени возила и животната средина“, ја вброи Македонија во група со Бурунди, Конго, Либија, Нигерија, Уганда, но и Албанија, Босна и Херцеговина или Катар, кои дозволуваат увоз на возила постари од девет години. Во извештајот стои дека старосниот лимит за увоз во земјава е 12 години.

Еко активистите постојано апелираат полицијата со засилени контроли да ја проверува техничката исправност на автомобилите и колку издувни гасови испуштаат, тешките товарни возила да се пренасочуваат кон обиколни патишта за да се намали сообраќајот во урбаните средини, на багерите и булдожерите од 7 наутро до 18 часот да им биде забранет транспорт, но и дотур на стока.

Користењето стари возила е лоша еколошка политика

Експертот за аерозагадување, Франк Хамес го оценува како лоша политика дозволувањето да се користат стари возила. Според него, за да се намали аерозагадувањето, потребно е тргање настрана од фосилните горива.

„Ако земате возила кои се стари многу години, ќе имате повеќе аерозагадување. Мислам, кај старите автомобили гледаме дека, ако не се добро одржувани, тие може да имаат до 10 пати повеќе аерозагадување од тоа на нов автомобил. Сигурно не е добра политика да се дозволи да се користат автомобили, кои се опасни за средината. Или ќе ни треба регулација што ќе спречи автомобилите да бидат експортирани како стари автомобили, и тоа е она што мислам дека ЕУ или кој било друг би можел да го направи, или треба да забраните луѓето да ги купуваат старите автомобили конкретно внатре во државите“, нагласува извршниот директор на IQAir, Франк Хамес.

Зборувајќи во однос на сообраќајот како извор на аерозагадување во Скопје, Хамес нагласува:

„Секогаш имате сиромашни земји, кои страдаат, бидејќи земаат стара технологија. Мислам дека таму има предизвик – економски е предизвикот, но сѐ додека луѓето бараат евтина технологија, следствено тука ќе оди старата технологија“.

Тој објаснува дека при брзо возење се ослободуваат повеќе ПМ честички, па затоа треба да се применат примерите од Германија или Франција.

„Тоа се зони со брзина ограничена на 40, на 30, па дури и зони во коишто ќе биде дозволено да влегуваат само возила коишто задоволуваат само одредена еколошка норма. Тоа може да се постигне со ограничување на користењето на возилата на денови. Значи, во денови кога ќе биде висока загаденоста во одредено подрачје од градот ќе може да пристапат само возила коишто би имале, на пример, зелена налепница или жолта налепница, соодветна на емисијата, на количината на емисијата што ја имаат“, предлага Хамес.

Таква иницијатива пред повеќе години се разгледувала и во МАНУ, но до примена на таквиот принцип не дошло, а покрај ограничување на брзината на сообраќајот, како во многу европски градови, потребно е и поголемо користење на јавениот превоз за намалување на аерозагадувањето.

Каква е состојбата во Европската унија?

Од Европската Унија пак веќе една година пристигнуваат најави дека размислува да го забрани извозот на половни автомобили од нејзините земји-членки. Ова практично значи дека во тој случај во Македонија веќе нема да може да се увезуваат возила „на старо“ од Германија, Австрија, Италија, Франција и други „омилени дестинации“, па дури и од соседна Бугарија.

Европската Комисија на почетокот на јули 2023 година го изготвила предлогот половните возила да не можат веќе да се извезуваат и продаваат надвор од ЕУ. Комисијата предлага уредба со која ќе се заменат постојните директиви на ЕУ за отпадни возила и можноста за нивна повторна употреба и рециклирање. Ова значи дека половните возила би потпаднале под категоријата на возила со „изминат век на користење“. Во Европа и денес по шест милиони возила годишно се вклучуваат во оваа категорија, но со новиот предлог на ЕК се стравува дека дефиницијата на овој поим би била поригорозна.

-Новите регулативи ќе доведат до годишно намалување на емисиите на јаглерод диоксид од 12,3 милиони тони до 2035 година и зголемена повторна употреба на клучните суровини. Дополнително, ќе обезбеди поголема безбедност на патиштата во третите земји бидејќи ќе го спречи извозот на дотраени автомобили во земјите кои увезуваат такви возила. Како што се наведува, секоја година повеќе од шест милиони возила го завршуваат својот животен век во Европа. Најмалку 25 отсто од пластиката во новите автомобили ќе треба да доаѓа од рециклирање, а четвртина од тоа од автомобили кои повеќе не се употребливи – пресметаа од ЕК.

Засега нема дополнителни детали кои се изнесени од ЕУ во однос на предложената регулатива од Европската Комисија, иако новите прописи се посочува дека би го намалиле испуштањето на јаглерод диоксид во воздухот за 12,3 милиони тони до 2035 година.

Што направи Романија?

И додека да се донесе новата регулатива во Романија веќе е во тек друга програма, која ги охрабрува возачите со финансиски стимулации да се откажат од старите, загадувачки автомобили. Со него се предвидува да се даде бонус од околу 700 евра на секој што ќе го скрши своето моторно возило старо над 15 години и не ги исполнува еколошките барања. Доделувањето на стимулацијата не го обврзува сопственикот да купи нов автомобил, објави „Сегабгњус“.

Програмата за намалување на бројот на стари автомобили се нарекува Рабла – романски збор за „трошка“. Всушност, сегашната – Рабла Локал, се надоврзува на други слични шеми лансирани во 2017 година – Рабла Класик и Рабла Плус. Според првата, секој што го предал својот стар автомобил на отпад добил субвенција од 1.420 евра, а ако купи нов автомобил со емисија на ЦО2 под 98 г/км, добива уште 350 евра.

Повторно, во духот на обновувањето и „зеленувањето“ на автомобилската „армија“, воведена е субвенција до 11.420 евра за возачите кои ќе се решат да купат целосно електричен автомобил и до 5.820 евра за оние кои претпочитаат приклучок. во хибрид. Буџетот на новата програма за фрлање стари и загадувачки автомобили е обезбеден од Фондот за животна средина и локалните власти.

Србија ќе забрани увоз на возила со ЕУРО 5 мотори


Српската влада од 1 јануари 2024 година го забрани увозот на половни возила со под ЕУРО 4 стандарди на емисија на издувни гасови. Исто така, одлуката на властите на северниот сосед предвидува од 2025 година да се прекине увозот и на возила со ЕУРО 5 стандард, односно во Србија ќе може да се увезуваат единствено возила што се произведени по 2014 година.

Во моментов во земјата можат да се увезат возила кои исполнуваат најмалку ЕУРО 4 стандард.

Зачлени се на нашиот е-билтен