Заменик директорот на Македонија пат и претседател на Унијата на ветерани во Демир Хисар, Сашо Дранго, бил фотографиран со мечка што ја застрелал во декември 2024 година. Мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането по закон.
Фотографиите, до кои дојде Анима Мунди, покажуваат дека Дранго, откако ја убил мечката, ладнокрвно позира со неа како да е трофеј. Ова не само што го отсликува неговото спорно хоби, туку и ја разголува неговата неодговорност како јавен функционер. На социјалните мрежи се појавуваат и други фотографии на кои Дранго позира со различни убиени диви животни, што ја продлабочува загриженоста околу неговите дејствија.

-Како втор човек во хиерархијата на јавно претпријатие, Дранго треба да биде пример за почитување на законите, а не сторител на кривични дела. Овој случај отвора сериозно прашање дали Дранго е недопирлив за правдата само затоа што е политичар и колку често се случувале вакви монструозни дела во неговата кариера, велат од „Анима мунди“
Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е заштитен вид и нејзиното ловење е строго забрането. Дополнително, член 14 од истиот закон трајно ја забранува можноста за лов на мечки, без исклучоци. Според Кривичниот законик, ловењето на дивеч под заштита, како што е мечката, се казнува со затворска казна од една до пет години.
Анима Мунди ќе поднесе кривична пријава против Дранго и ќе бара негово разрешување од функцијата. Јавните функционери треба да бидат синоним за одговорност и почитување на законите, а не да користат оружје за да убиваат заштитени животни и да избегнуваат одговорност. Овој злочин против природата, кој доведе до смртта на скапоцено животно, треба да биде санкциониран со највисоката казна предвидена со закон.