Занаетите во Македонија -Професија на работ на исчезнување

Традиционалните занаети во Македонија, некогаш основа на локалната економија, денес се соочуваат со сериозна криза. Големата побарувачка за вешти мајстори не може да се задоволи поради недостаток на млади кои би ги продолжиле овие професии.

Затоа најчесто се чека и со месеци за столар, водоводџија, за варосување, а секако и за електричар.

„За една недела добивам десетина повици, а успевам да завршам само половина од работата“, вели Ламбе, електричар од Скопје.

„Мислев да обучам помошник, но младите не се заинтересирани. Повеќе сакаат да работат канцелариска работа или да одат во странство.“

Оваа состојба не е нова, но во последните години стана алармантна. Во занаетчиските здруженија велат дека бројот на нови мајстори драстично се намалува, што води кон затворање на многу работилници.

Проблемот започнува од образовниот систем, иако се воведе дуално образование, интересот е опаднат за разлика од минатото, а и тие кои завршуваат решаваат да се посветат на сосема други факултети

„Имаме доволен број на ученици, можеби помалку паралелки, но сепак имаме. За дел од нив компаниите дури и нудат плата од 1.000 евра веднаш по завршувањето на средното, но многу често и родителите прават притисок децата да студираат и да работат канцелариска работ“, објаснува директорот на едно стручно средно училиште во Скопје.

„Повеќето од нив не ја гледаат оваа струка како иднина. Ги запишуваат техничките школи или пак столарските затоа што немаат друга опција.“

Дури и оние што ја завршуваат обуката, ретко остануваат во земјата.

И покрај падот на интересот, занаетите се сè уште еден од најпрофитабилните сектори во Македонија. Мајсторите заработуваат повеќе од многу професии со високо образование.

„За еден ден работа на поправка на покрив можам да заработам колку еден административец за цел месец“, вели Игор, столар од Скопје

„Сепак, оваа професија е тешка и физички бара голема издржливост. Затоа младите ја избегнуваат.“

Според експертите, решението лежи во комбинација на дуално образование и зголемување на престижот на занаетите, дека е тоа профитабилна професија од која може да се живее.

Зачлени се на нашиот е-билтен