Започна тридневното одбележување на првата годишнина од пожарот во дискотеката „Пулс“ во организација на општина Кочани, заедно со семејствата на жртвите и државните институции.
Настаните во помен на 63 млади лица, кои загинаа во пожарот на 16 март 2025 година загинаа и кој оставо трајни трауми кај преживеаните и блиските вклучуваат комеморации, спортски активности и меѓународна конференција за институционални поуки од оваа национална трагедија.
Од 14 до 16 март 2026 година, Општина Кочани, во соработка со Здружението на граѓани „16 Март“, црковниот храм „Св. Великомаченик Георгиј“, кочанската болница и Центарот за култура „Бели мугри“, организира низа активности за оддавање почит кон жртвите:
- 14 март: Богослужба, литургија и опело за жртвите во храмот „Св. Георгиј“ и на Градските гробишта.
- 15 март: Рекреативна трка и велосипедска тура на релација Штип-Кочани, меморијален планинарски марш „Ивона Антова и 63 ангели“ на Пониква, и кошаркарски турнир.
- 16 март: Централно одбележување пред „Пулс“ со настанот „Светлина што останува“, поставување на инсталацијата „63 бели столчиња“ во Паркот на револуцијата и комеморативна седница.
Владата на Македонија на 14 март 2026 година во Скопје организира Меѓународна конференција насловена „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“. На конференцијата е најавено присуство на 37 лекари и медицински експерти од 19 држави од Европа, кои директно учествуваа во лекувањето на повредените по трагедијата. Целта на овој собир е да се анализира одговорот на државата и да се изнајдат начини за зајакнување на системот за заштита и спасување, со цел да се спречат слични катастрофи во иднина.
Трагедијата длабоко ја потресе целата држава, а солидарноста е видлива и во соседните општини. Општина Штип, каде што дел од загинатите беа ученици во средното медицинско училиште „Јане Сандански“, на 16 март 2026 година ќе постави камен-темелник за спомен-обележје на градскиот плоштад „Слобода“. Ова обележје, кое ќе вклучува пет гулаби и ангел, ќе ги носи имињата на загинатите средношколци, симболизирајќи ја трајната почит и заедничката болка на Штип и Кочани. Градоначалникот на Кочани, Влатко Грозданов, упати апел до граѓаните и институциите за достоинствено однесување, вклучително и препорака за ослободување од работни обврски и ограничување на сообраќајот за непречено движење на бројните делегации.
Една година по настанот, фокусот на јавноста останува на барањето правда и одговорност. Иако се водат судски процеси, семејствата на жртвите и повредените продолжуваат да бараат целосно расветлување на случајот, вклучително и одговорност за системските пропусти кои овозможиле дискотеката да работи спротивно на прописите.
Трагедијата во „Пулс“ стана трајна порака на потребата од строга примена на безбедносните стандарди во јавните објекти и одговорно постапување на инспекциските служби. Оваа годишнина не е само момент за сеќавање, туку и потсетник за неопходноста од системски реформи кои ќе ја гарантираат безбедноста на граѓаните, особено на младите, во просторите за забава и јавни собири.