Започна вакцинацијата против сезонски грип: пријавени над 60 илјади граѓани

Министерството за здравство соопшти дека официјално започна вакцинацијата против сезонски грип, за која досега се пријавиле повеќе од 60 илјади граѓани, додека над 8 илјади веќе ја примиле вакцината низ државата.

Вакцинацијата се одвива на 35 пункта, од кои пет се лоцирани во Скопје. Граѓаните можат да закажат термин преку апликацијата vakcinacija.mk или преку својот матичен лекар.

Со бесплатната вакцина се опфатени ризичните категории население — повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години, како и корисници и вработени во установи за социјална заштита.

Покрај редовните пунктови, тимови од здравствени установи започнаа со теренска вакцинација во домашни услови, наменета за лица со ограничена подвижност, постари граѓани и лица со попреченост.

Како што објаснуваат од Министерството, оваа мерка има за цел да го олесни пристапот до здравствена заштита и да го зголеми опфатот на ризичните групи во текот на есенскиот период, кога ризикот од сезонски вируси е највисок.

Извор: Trn.mk

Зачлени се на нашиот е-билтен