Запознајте го д-р Рушвет Мито(в)

Здравството и понатаму останува позиционирано на врвот според прецепцијата за корупцијата во земјата. Ова го потврдува и најновата анализа изведена според искажувањата на  фокус групи за корупција во здравството што ја спроведе Институт за демократија “Социетас Цивилис“ и кој беше објавен на крајот на минатиот месец оваа година.

Според сознанијата од  оваа анализа со наслов „Доктор Рушвет: Анализа на фокус групи за корупција во здравство“, корупцијата во јавното здравство е распространета, а учесниците ги идентификуваа поткупот, подароците и користењето врски како вообичаени практики.

Дел од исказите на учесниците во фокус групите за корупцијата во здравството ги пренесуваме и во овој текст.

Поткупот се движи од 200 денари до 2000 евра

Неформалните плаќања, кои честопати претставуваат значителен финансиски товар, најмногу ги погодуваат домаќинствата со пониски приходи.

Дел од учесниците овие практики ги сметаат за неопходни за пристап до квалитетни и навремени услуги, додека други ги перципираат како неморални и рефлексија на системска нефункционалност. Повеќемина од учесниците во фокус групите признаваат дека дале поткуп за да обезбедат или го забрзаат пристапот до здравствени услуги.

Дури 40% од учесниците во фокус групите изјавија дека дале поткуп или подарок за да добијат здравствена услуга. 35 Учесниците споделија различни искуства, при што висината на поткупот варирала во зависност од ситуацијата – од 200 денари до 2.000 евра за конкретна услуга во јавното здравство. Во поголемиот број на случаи испитаниците наведоа примери за исплата на пари, додека во една ситуација беше даден пример каде е побарана услуга. Во однос на примателот на поткупот, учесниците ги посочија и докторите и помошниот медицински персонал.

“Јас мислам дека во последно време нашето јавно здравство е се повеќе корумпирано. Еве пример мојот сопруг скрши нога, имаше прелом на нога. Докторот во Скопје кој требаше да прави операција, побара во рок од 3 часа ако дадеме 30.000 денари на некоја си сметка ќе го оперираат, ако не ќе го врати во Куманово. Значи ти и да имаш и да немаш и да сакаш и да не сакаш мораш да ги дадеш, заради тоа ако сакаш да ти ја извршат услугата која ти е потребна.“ (женско, 46, негувателка)

Финансискиот товар на овие плаќања е особено тежок за семејствата со пониски приходи. Некои учесници се чувствуваат принудени превентивно да нудат поткуп, што ја одразува длабоката недоверба кон системот.

Подароците, според некои учесници, се начин за изразување благодарност за добиената услуга, додека други ги гледаат како неопходен стимул за обезбедување квалитетна грижа. Оваа пракса дополнително ја нормализира корупцијата, создавајќи нејасна граница меѓу искрената благодарност и присилните придонеси.

Само да прашам нешто“

Користењето лични врски е чест и ефикасен начин за заобиколување на системските неефикасности и добивање подобри здравствени услуги. Учесниците наведуваат дека врските често го одредуваат квалитетот и навременоста на услугите, зајакнувајќи ги нееднаквостите врз основа на социјалните мрежи наместо на потребите.

“Мислам дека ако познаваш некого во болница ќе те гледаат подобро. Секогаш мора да бараш некого во некое одделение. Ако не познаваш, нема кај да се обратиш, никој ништо не го интересира. Ќе прашаш некого тој не знае, прашај таму, прашај онаму. Значи прво ако сакаш да одиш во некое одделение треба да најдеш некој човек. Ако немаш никој подобро и не оди.“ (машко, 37, јавно претпријатие)

Недостигот од достапни термини е еден од најголемите предизвици во пристапот до јавното здравство. Учесниците често се принудени да користат поткуп или врски за да обезбедат навремени термини. Дури и кога терминот е закажан, тие се соочуваат со доцнења, откажувања или неадекватна посветеност од страна на персоналот. Ваквото непочитување на термините создава дополнителен финансиски и психолошки товар за граѓаните кои патуваат од други населени места.

“Кога имаш нешто итно, термини треба да чекаш, термини нема. Додека чекаш или ќе се влоши ситуација или ќе оздравиш. Пак ќе ти се повтори и пак нема ништо да дознаеш од што боледуваш.“ (женско, 71, пензионерка)

Учесниците во фокус групите изразија незадоволство од квалитетот на јавното здравство, наведувајќи ги недостатокот на кадар, ресурси и присуство на корупција како клучни проблеми. Ниските плати на здравствените работници и политички мотивираните вработувања придонесуваат за миграција на квалификуваниот кадар во приватното здравство или во странство.

Овие системски проблеми, во комбинација со застарена инфраструктура и недоволна опрема, ја намалуваат довербата во јавното здравство, односно го подриваат сомнежот дека јавното здравство може да испорача квалитетна здравствена услуга.

“Кај нас во Охрид немаме доктори како првин. И мораме Струга, од Струга – Скопје. Три пати ме пикнаа во сала и три пати ме извадија. Сега живеам како господ ми наредил од што не сум задоволна. Притисок имам 210 од тоа. Најтешка ситуација си ги гледам децата си мислам дали денес, дали утре ќе ми излезат метастазите и ќе умрам. Е тоа. Затоа не сум задоволна од здравството ни од Скопје, ни од Струга не. Охрид веќе ич. Не постои здравство. Кај нас во Охрид не постои здравство.“ (женско, 47, невработена)

За дополнителните (приватни) услуги во јавното здравство

Со серија измени во Законот за здравство од 2004 натаму се овозможи можноста здравствените работници специјалисти, дополнително да укажуваат здравствени услуги во установата каде што се вработени или во друга, приватна здравствена установа.

Граѓаните во Македонија, покажа ова истражување, ја перципираат праксата на јавното здравство да нуди приватни услуги како злоупотреба која создава фрустрација и незадоволство. Услугите кои не можат да ги добијат редовно, се нудат како приватни услуги, што претставува финансиски товар за пациентите и дополнително ја поткопува довербата во јавното здравство. Учесниците се сомневаат дека постојат судири на интереси меѓу јавното здравство и приватните субјекти, вклучително и промовирање на специфични лекови и упатување пациенти во одредени аптеки, клиники или оптики, често на штета на пациентите.

“Немаа термин на мој термин, ама ми нудат полу-приватно полу-државно истиот доктор во државна болница. Да ми направи преглед само да се наплати помала сума отколку во приватна болница. Ја не знам како е тоа возможно да нема термин на државно. Со истата опрема од државната меѓутоа да ти наплати. А мислам дека корупцијата не треба да се правда во никој случај, не треба да постои. А мислам дека проблемот е и до државата што малце ги деградира и докторите и сестрите со платите, на тој начин се ствара простор за корупција за да оправдаат некако, а не треба да се правда тоа.“ (женско, 21, студентка)

Приватното здравство се перципира како подобра алтернатива поради модерната опрема, побрзите услуги и професионалниот персонал. Лицата кои можат да си го дозволат, го преферираат приватното здравство, додека останатите се принудени да ги игнорираат здравствените проблеми или да се соочат со предизвиците на јавниот сектор. Сепак, некои учесници го критикуваат приватното здравство поради ориентираноста кон профит, особено во случаите на хронични или неизлечиви состојби.

Додатни проблеми вклучуваат дискриминација врз основа на возраст, јазични бариери во комуникацијата, и неефикасност на комисиите за социјална и здравствена заштита.

Парадокси

Корупцијата е генерално неприфатлива за македонските граѓани. Во 2023 година, овој процент изнесувал 69% и покажува тренд на пораст (за споредба во 2019 година, овој процент изнесувал 59%). Меѓутоа наодите од фокус групите укажуваат дека кога се работи за здравје, граѓаните покажуваат поголемо разбирање и толеранција за нивната позиција.

Иако учесниците генерално ја сметаат корупцијата за неоправдана, тие покажуваат разбирање за нејзината употреба во животозагрозувачки ситуации. Недовербата во институциите и културата на неказнивост значително ги обесхрабрува од пријавување на корупција. Учесниците препорачуваат зголемување на платите на здравствените работници, вработување повеќе кадар и успешна судска разрешница за утврдување одговорност за корупција.

Успешната борба против корупцијата бара пошироки општествени и институционални реформи, е еден од заклучоците од ова истражување.

И покрај предизвиците, дел од учесниците споделија позитивни искуства со јавните здравствени услуги, особено со матичните лекари, почитувањето на закажаните термини и посочија здравствени работници со интегритет, кои одбиле да учествуваат во коруптивни практики, а овозможиле квалитетна и навремена услуга. Овие примери ја покажуваат можноста за подобрување на системот, иако од оваа перспектива тоа се чини толку далечно.

Текстот е сумарум на истражувањето „Доктор Рушвет: Анализа на фокус групи за корупција во здравство“ на Институт за демократија “Социетас Цивилис“.

Зачлени се на нашиот е-билтен