Здружение на граѓани „16-ти Март 2025“ Кочани, до премиерот Мицкоски: Објавете ја целосната снимка од состанокот во Владата!

Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани, во име на семејствата на трагично загинатите деца, испрати јавно соопштение со кое категорично го демантира премиерот Христијан Мицкоски и ја повикува Владата да ја објави целосната видео-снимка од состанокот што се одржал на 7 јули 2025 година.

Во продолжение, ви го пренесуваме соопштението во целост:

Почитуван Премиере,

Во име на Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани, со ова јавно реагираме и категорично демантираме дека родителите шират невистини, како што беше изјавено во Вашата објава на официјалната веб-страница на Владата на Република Северна Македонија.

Во прилог на вистината, Ве потсетуваме дека на 7 јули 2025 година (понеделник), со почеток во 17:00 часот, во Вашиот кабинет се одржа официјален состанок помеѓу Вас како премиер и мнозинството од родителите на трагично загинатите деца во несреќата во Кочани.

На истиот состанок, целокупниот разговор беше целосно документиран и снимен од Ваша страна.

Доколку навистина стоите зад своите зборови и верувате во транспарентноста, чесноста и почитта кон јавноста и пред сè – кон болката на семејствата, Ве повикуваме да ја објавите целосната видео-снимка од тој состанок, без сечење, монтирање или интервенции.

Нека јавноста сама се увери во вистината.

Со почит,
Здружение на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани

Ова соопштение доаѓа во контекст на реакциите на јавноста на пораката на премиерот Мицкоски до родителите „да ја определат цената на нивните деца“ по што владата излезе со соопштение со кое се обиде да го демантира информацијата на Здружение на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани, кое за ова информираше на социјалните мрежи.

Зачлени се на нашиот е-билтен