Зголемени трошоци, корупција и барања за подобрување на условите – Предизвици за студентите и во 2025 година

Изминатата година понуди нови предизвици и настани, кои повторно го поставија прашањето за иднината на високото образование и студентскиот стандард во Македонија. Зголемените трошоци за студентите, корупцијата, протести и барања за подобрување на условите – сè уште го создаваат впечатокот дека системот бара длабоки реформи.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на студенти во 2023/2024 година изнесува 52.316, што е намалување од 2,8% во споредба со претходната година. Најбројни остануваат студентите на ФИНКИ, медицинските факултети и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Проблемот со невработеноста кај високообразованите продолжува, со 15 доктори на науки и 6.688 магистри кои активно бараат работа. Особено погодени се правните и економските науки, што укажува на недоволното планирање на пазарот на трудот.

Во март 2024 година, универзитетските студентски собранија објавија „Студентски манифест“, кој бараше бесплатно образование, дигитализација, автономија и подобрување на студентскиот стандард. Меѓутоа, студентите на УКИМ беа изненадени со значително покачување на трошоците, а и животот во студентските домови не беше задоволителен. Државниот завод за ревизија откри значителни проблеми, како што е затворањето на домот „Стив Наумов“ и намалената финансиска одржливост на студентските домови.

Субвенциите за оброк, стипендиите и ваучерите останаа значајна тема во текот на годината. Студентите се жалеле на нередовни исплати на стипендиите, а исто така се соочија со прекинот на ваучерите за меѓуградски превоз, кои не беа продолжени од новата влада.

Во мај 2024 година, Весна Јаневска ја презеде позицијата министерка за образование и наука. Таа најави инспекциски надзори и остри мерки против неправилностите на некои универзитети. И покрај напорите за подобрување на состојбата, Шангајската листа за најдобри универзитети продолжува да ја избегнува Македонија.

Во 2025 година, се најавуваат неколку новини, вклучувајќи зголемување на буџетот за студентскиот стандард и нови ваучери за електронски уреди. Се очекува и усвојување на нов Закон за високото образование и продолжување на изградбата на важни универзитетски згради.

Во целост, 2024 година беше исполнета со нови ветувања и намери за промени, но без драстични резултати кои ќе го подобрат животот на студентите и квалитетот на образованието.

Зачлени се на нашиот е-билтен