Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Жителите на Лисиче во јануари имале само два дена чист воздух

Екстремно високи вредности на ПМ 10 и ПМ 2,5 во воздухот и исклучително нездрава средина за живеење беа карактеристика и за овој месец јануари. Скопје постојано беше високо на листата на најзагадени градови во светот, а граѓаните од почетокот на годинава можеле само во помалку од пет дена да подишат чист воздух.

Во поголемиот дел од месецот вредностите на отровните честички биле постојано над максимално дозволените вредности, а податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздухот на Министерството за животна средина покажуваат дека состојбата со загадувањето на воздухот во јануари годинава е многу полоша од истиот месец лани.

Во Лисиче, според податоците од Државниот автомстски мониторинг, само два дена во текот на јануари немало надминување на загадувањето на воздухот со ПМ 10 честичките. Што се однесува, пак, до концентрациите на ПМ 2,5, во овој дел од градот секој ден во текот на месецот биле над максимално дозволените. Според месечниот извештај на Министерството, 12 дена од јануари концентрациите на ПМ 10 на ова мерно место оделе и над 100 микрограми на кубен метар, а три дена биле и над 200. Загадувањето со ПМ 2,5, само еден ден било под максималната граница од 25 микрограми на кубен метар, 26 дена било над 50 микрограми на кубен метар, од кои седум дена и над 100, што е екстремно високо.

За разлика од овој јануари, минатата година во истиот месец во Лисиче квалитетен воздух имало шест дена, десет дена вредностите на ПМ 10 биле над 100 микрограми, од кои во два дена и над 200. Загадувањето со ПМ 2,5 тогаш било многу пониско од годинава, 18 дена било над максимално дозволената граница од 25 микрограми на кубен метар, од кои само седум дена било над 50 микрограми.

Во Центар, пак, во јануари годинава, само шест дена немало екстремно загадување со ПМ 10 честички, а пет дена вредностите на ПМ 2,5 честичките биле во рамките на дозволените 25 микрограми на кубен метар. Сите други денови жителите на општината дишеле отровен воздух. Единаесет дена ПМ 10 биле над 100 микрограми, што е двојно од максимално дозволената концентрација, додека, пак 22 дена ПМ 2,5 биле над 50 микрограми, што исто така е двојно од дозволениот максимум. Лани, пак во јануари, во оваа општина квалитетен воздух имало 12 денови. Концентрациите на ПМ 10 се искачиле над 100 микрограми во текот на пет дена, а немало ниту еден случај кога биле над 200.

Од Општината Центар велат дека годинава преземале повеќе активности за намалување на загадувањето на воздухот. Се саделе нови садници, во сите градинки и училишта поставени се прочистувачи на воздух, додека во градинките и во дел од ООУ Коле Неделковски има и специјални филтри на прозорците за заштита од штетните ПМ честички. Се чистат и мијат улиците, се отстрануваат диви депонии, а се поттикнува и алтернативен транспорт преку проектот „Цел Центар на точак“ со доделување субвенции за набавка на велосипеди, е-велосипеди и е-тротинети.

„Мерките се континуирани, но се преземаат и нови, со план за поставување филтри во останатите училишта. Редовлно се следат и резултатите од преземените мерки преку инспекција на градилиштата за проверка на јавната чистота и примена на мерките за миење тркала и покривање на товарните возила со церади, контрола на субјекти што користат различни енергенси за да се спречи загадување, како и контрола на приватни имоти, напуштени дворови и гаражи за отстранување отпад и спречување палење на отпад“, информираат од Центар.

На мерното место на Државниот мониторинг систем во Карпош, податоците покажуваат дека половина од јануари, поточно 13 дена, воздухот немал високи вредности на ПМ 10, но затоа, пак загадувањето со ПМ 2,5 било високо во текот на речиси целиот месец. Во Карпош само четири денови имало концентрации на ПМ 10 над 100 микрограми, но затоа пак ПМ 2,5 биле над 50 микрограми во текот на 19 денови. Минатата година во истиот месец во Карпош 11 денови воздухот бил чист, а концентрациите на ПМ 10 надминале 100 микрограми во текот на седум дена.

Од Инспекторатот на Општината Карпош велат дека вршат редовни контроли за да се намали загадувањето на воздухот во Скопје.

„Во општината немаме тешка индустрија, но, како потенцијални загадувачи може да се сметаат авто-механичарските сервиси, заради што од сопствениците се бара договор за одложување на моторното масло. Исто така, се вршат контроли и на градилиштата, како и на приватните имоти каде што има сомневање дека се пали отпад“, посочуваат од Карпош.

Преземено од Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен