Жителите на Волково најавуваат протести: Девет месеци главната улица стои раскопана

Жителите на скопската населба Волково, по деветмесечното чекање за завршување на реконструкцијата на главната улица, најавуваат протести и граѓанска непослушност ако надлежните не преземат конкретни мерки за решавање на проблемот. Според нив, улицата беше раскопана пред повеќе од девет месеци, но работите на асфалтирање сè уште не се завршени, што ги доведува во ситуација на урбан хаос и соочување со сè полоши животни услови.

Иницијативата на жителите на Волково бара итно асфалтирање на улицата, а тие ги повикуваат Општина Ѓорче Петров, Градот Скопје, Министерството за транспорт и врски, како и пратениците во Собранието и советниците во локалните органи на власт, да преземат конкретни мерки. Како што велат, поради неодговорноста на политичките чинители, не само што на жителите им се нарушени условите за живот, туку и околните туристички места се погодиени од лошата инфраструктура.

„Заради оваа неодговорност, Волково денес се соочува со запоставеност и инфраструктурен хаос. Поради неисполнетите обврски на надлежните институции, животните услови се сè полоши, а последиците ги чувствуваат и околните туристички места. Бараме итна и одговорна реакција!“, велат жителите, кои најавуваат протести, граѓанска непослушност и можни постапки за кривична одговорност ако овој проблем не биде решен веднаш.

Во одговор на прашањата на „Слободен печат“, од Општина Ѓорче Петров објаснија дека надлежноста за довршување на улицата лежи на Градот Скопје и ЈП „Улици и патишта“. Од Град Скопје пак, истакнуваат дека проектот за реконструкција веќе е започнат, но бил во застој поради чекањето на одобрение од Министерството за внатрешни работи (МВР) за воспоставување времен сообраќаен режим. Според нив, по добивањето на ова одобрение, екипите продолжиле со работите на терен и наскоро целосно ќе ја завршат реконструкцијата.

Сепак, за жителите на Волково, причината за застојот не е толку важна колку што е важно брзо да се реши проблемот. Тие нагласуваат дека не сакаат да се соочуваат со продолжени пречки и сообраќаен хаос, туку да живеат во услови кои ќе овозможат нормално функционирање на нивната населба.

„Сега е време за конкретни мерки, а не за оправдувања. Овој проблем мора да се реши веднаш, за да може Волково повторно да функционира како нормална заедница“, заклучуваат жителите на Волково.

Зачлени се на нашиот е-билтен