Во последните недели, Агенцијата за национална безбедност (АНБ) повторно се најде во центарот на контроверзии. Прашината околу незаконското назначување на новиот директор уште не слегнала, а тој се појави со обвинувањата за наводно прислушување и следење на опозициските лидери, вклучувајќи го и Христјан Мицкоски, како и новинари и бизнисмени, пред тој да дојде на власт. Ова се случува во период на интензивна предизборна кампања, што ја зголемува политичката чувствителност на темата.
На обвинувањата на АНБ веднаш се „налепи“ ВМРО-ДПМНЕ. Партијата преку своите портпароли ја заокружува изјавата на својот лидер кој всушност де факто и ја обзнани аферата:
,,Ова не е напад само врз мене туку и врз демократијата, врз правото на слобода врз темелите на државата. Сакам да порачам, нема да има селективна правда, ќе има одговорност, ќе има правна разрешница”. рече Мицкоски.
Но според изјавите на поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, лидерот на опозицијата во неговиот мандат (2019–2022) не бил предмет на оперативен интерес, а обвинувањата што се пласираат во јавноста остануваат непоткрепени со документи. Димовски инсистира на декласификација на сите документи кои би можеле да ја потврдат или демантираат неговата изјава, нагласувајќи дека без нив јавноста не може да ја оцени вистината.
Од друга страна, и лидерот на опозицијата, Венко Филипче реагира денеска и ја повикува АНБ да ги декласифицира документите кои би можеле да ја потврдат вистината за наводното прислушување и следење во времето на владеењето на СДСМ:
„Јавноста има право да знае кои документи постојат, кој ги издал и кој ги одобрил наводните оперативни мерки. Без декласификација, сите обвинувања остануваат шпекулации и ја поткопуваат довербата во безбедносните институции. Доколку АНБ ова не го направи, ќе биде јасно дека ова ќе биде уште еден неуспешен обид за манипулација. Исто како за слични приказни за кои никогаш ништо не се дозна повеќе”.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ треба да не ја присвојува АНБ и да ја остави самата да ги докажува наводите во јавностс преку инситуциите на системот.
Се друго е играње со безбедносниот апарат и го користи за дневна политика, особено заради контекстот на локалните избори.
Во однос на претходните наводи за следење на премиерот, по насоки на Јавниот обвинител Љупчо Коцевски, Обвинителството за гонење на организиран и криминал и корупција оформило предмет во кој се преземаат дејствија на проверки.
Воедно, велат од Обвинителството, и наводите во последните известувања од АНБ детално ќе бидат испитани.
Но најиндикативно е соопштението на ВМРО ДПМНЕ во кое велат:
,,Злоупотребата на институциите во партиски и политички цели веќе е видено сценарио од СДС, поинаку тие и не знаат. Разликата во последниот случај е во тоа што ги злоупотребиле и ставија во служба на партијата едни од најзначајните институции кои треба да се грижат за безбедноста на граѓаните и државата, и тоа, поддржани и потпомогнати од судско обвинителската власт“!!
Ако во колективната меморија на овој народ останало нешто од владеењето на ВМРО ДПМНЕ е токму злоупотребатa на АНБ и масовното прислушување нa сопствените граѓани додека беа на власт.
Додека јавноста не добие на увид ниту еден документ од кој ќе се види дека биле издадени незаконски наредби за физичко следење и за прислушување на телефонските комуникации, останува споредбата со прислушувањето кое беше обелоденето за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ што го разоткри СДСМ со таканаречените „бомби“ и „Вистната за Македонија“. За разлика од оваа наводна афера, за тоа големо незаконито прислушкување на десетици илјади граѓаните, новинари и високи политички функционери имаше неколкумина сведоци сведочеа дека за тоа им биле дадени наредби, а некои од нив пред судските органи прецизно ги раскажаа деталите за прислушувањето.