ЗНМ: Недозволив обид за дискредитација на новинарка од страна на јавни функционери

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) реагира на обидите за притисок и дискредитација на колешката-дописник на „Сакам да кажам“ од Битола Жанета Здравковска, кои доаѓаат од страна на локални функционери поврзани со јавни претпријатија во Пелагонискиот регион.

Јавните функционери преку објави на социјалните мрежи се обидуваат да го релативизираат професионалниот новинарски текст, насловен како: ,,Загубарот Битолски комуналец склучи договор за набавка на кучешка храна од 57.000 евра за една година“ означувајќи го како „лажна вест“ и вадејќи го од контекст, со што свесно се напаѓа интегритетот на новинарката и се поткопува кредибилитетот на медиумот.

ЗНМ потсетува дека не е работа на јавни функционери да проценуваат дали некој медиум е релевантен и дали одредена новинарска содржина е вистинита. Такви квалификации претставуваат директен притисок врз слободата на медиумите и независното новинарство.

Доколку имаат забелешки за одредени медиумски содржини, политичарите можат да поднесат претставка до релевантните саморегулаторни тела, како што се Советот на чест при ЗНМ или Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).

Апелираме до сите јавни функционери и јавните службеници, особено оние на локално ниво, да се воздржат од притисоците и обидите за дисквалификации врз новинарите и наместо тоа да придонесат за креирање амбиент во кој слободното и одговорно новинарство ќе може непречено да функционира во интерес на јавноста.

ЗНМ ќе продолжи да ги штити новинарите и медиумските работници и да реагира на секој обид за дискредитација, притисок или загрозување на нивната безбедност и професионален интегритет.

Зачлени се на нашиот е-билтен