Зоран Михајлов: ФК Победа ќе воскресне и ќе ги надживее сите што ја доведоа до оваа ситуација

Михајлов

„Победа ќе воскресне и ќе ги надживеесите што ја доведоа до ова“, вели Зоран Михајлов, легендата на македонското спортско новинарство, кој како и целата спортската јавност и прилепчани со загриженост и вознемиреност ја примија најавата дека ФК Победа АД ќе го напушти натпреварувањето во Втората македонска лига, во неможност да продолжи поради блокираната сметка и финансиските тешкотии.

„Не ми се верува и сѐ уште мислам оти има време да се спаси Победа. Зарем клубот за кој мислев дека е вечен повеќе да го нема. Ова е жалосно и вистински срам за најфудбалскиот град. Зарем дотаму стигна, па да се уништи и историјата, зашто Победа беше повеќе од сѐ и над сѐ. Зарем можат прилепчани да живеат без својата Победа? Зарем тоа од факторите во градот никој не го чувствува. Па, без Победа Прилеп го губи својот идентитет, градот како да згаснува. Победа не е обичен клуб. Победа беше гордост и љубов на прилепчани. Победа беше најголемиот симбол рамен и со Марковите кули. Не, не ми се верува дека од утре Победа ќе ја нема, тоа не е можно. Победа ќе воскресне и ќе ги надживеесите што ја доведоа до ова“, вели Зоран Михајлов, легендата на македонското спортско новинарство којшто го коментираше натпреварот на ФК Победа со италијанскиот клуб Перуѓа, во рамките на Интер-Тото купот, на градскиот стадион во Прилеп.

Судбината на ФК Победа не е само вознемирувачка за искрените фудбалски фанови и вљубеници во клубот, туку за многумина е и очекувана, велат соговорниците на Рацин.мк. Низ разговорот со нив, ја откриваме историјата и агонијата на старата добра Победа, која започна со суспензијата на клубот од страна на УЕФА во 2009 година, кога ФК Победа ДООЕЛ беше на врвот на својот успех и кога излезе на европските купови и почна да стекнува меѓународна репутација.

Агонијата на ФК Победа, велат нашите соговорници, ја започнаа и ја туркаа гробарите на македонскиот фудбал, само од лични интереси и од болните амбиции да ги заземат највисоките позиции во фудбалот во Македонија и во Фудбалската федерација на Македонија.

Во разговор за оваа состојба во која се најде ФК Победа, Зоран Михајлов, вели дека него лично го погодува тоа зашто како новинар ја даваше сета поддршка на клубот кога требаше да се врати на фудбалските терени после суспензијата на УЕФА, инспириран од посветеноста на Александар Ацуле Забрчанец и за другите искрени градители на клубот.

„Големи беа и жртвите што ги направија Ацуле Забрчанец и подоцнежниот претседател на ФФМ Хари Хаџиристески. Исто така и Орде, директорот на Црн Бор, и други стопанственици. Сега сите како да кренаа раце“, вели Зоран Михајлов во сторијата на ФК Победа.

Зачлени се на нашиот е-билтен