Зошто Тошковски не сака жени во полицијата?

Ако Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и понатаму остане на ставот дека дека е против родовата еднаковост во полицијата и покрај реакциите во јавноста, еве еден мал преглед што губи со тоа.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Укинувањето на член 96 од Законот за полиција е опасен чекор наназад: еднаквоста, застапеноста и довербата во полицијата не смеат да бидат доведени во прашање.

Ова е суштината на реакцијата на Платформата за родова еднаквост која изразува сериозна загриженост и остро се спротивставува на предложените измени на Законот за полиција, веќе доставени до Собранието на Република Северна Македонија, со кои се предлага бришење на членот 96 – единствениот член што експлицитно го утврдува принципот на еднаквост и правична застапеност при вработување во полицијата.

Еве што предвидува Член 96 од важечкиот Закон за полиција:

(1) При вработувањето во Полицијата треба да бидат соодветно и правично застапени граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, со почитување на критериумите на стручност и компетентност.

(2) При вработувањето во Полицијата да се почитува принципот на еднаквост на половите.

Од Платформата за родова еднаквост нагласуваат дека со предлогот за измена, односно за бришење на овој не само што се укинува единствената правна одредба обезбедува родова еднаквост и инклузивност во полициската структура, туку се отвора простор за легитимирање на дискриминација, структурна нееднаквост и понатамошно маргинализирање на жените и заедниците кои и онака се слабо застапени во безбедносните институции.

Оваа измена доаѓа во исклучително чувствителен момент – време на сериозни предизвици за јавната безбедност и растечка недоверба кон институциите. Во изминатите денови, сведоци сме на бран насилства, меѓу кои и фатален случај во Прилеп и вознемирувачки вербални и физички напади врз жени на јавни функции – инциденти што дополнително го актуелизираат прашањето за ефикасноста и пристапот на полицијата кон заштитата на основните права и безбедноста на граѓаните.

Ова образложение некому може да му изгледа „натегнато“, но еве што велат светските искуства кога е во прашање застапеноста на жените во полициските структури.

Присуството на жени во полициските сили е корисно бидејќи тие често носат уникатни вештини и перспективи, што доведува до подобри односи во заедницата, намалена употреба на сила и подобрени резултати за жртвите на криминал.

Студиите покажуваат дека жените-полицајки се перцепираат како посочувствителни и доверливи, и тие често се поефикасни во деескалирањето на напнатите ситуации.

Понатаму, поразновидните полициски сили подобро ја одразуваат заедницата на која ѝ служат, зголемувајќи ја јавната доверба и легитимитет.

Но, ако Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и понатаму остане на ставот дека не сака жени во полицијата, еве малку подетално што губи со тоа:

Истражувањата покажуваат дека жените полицајки имаат тенденција да користат помалку сила и имаат помала веројатност да бидат вклучени во инциденти што бараат сила.

Жените полицајки често се перцепираат како подостапни и сочувствителни, што доведува до подобро ангажирање и доверба во заедницата, додека со жени вклучени во полициските сили  спектарот на перспективи и пристапи за решавање проблеми е многу поширок и разновиден.

Студиите покажуваат дека жените полицајки можат да бидат поефикасни во справувањето со случаи што вклучуваат жртви на криминал, особено сексуален напад.

Како сериозен аргумент треба да се земе и тоа дека родово разновидните полициски сили што ја отсликуваат демографијата на заедницата на која ѝ служат, се сметаат за полегитимни и поодговорни.

Многу значајно е тоа што присуството на жените во полициската работа може да ги предизвика традиционалните, понекогаш штетни, машки норми во рамките на полицијата и да промовира позитивни културни промени.

Некои предизвици од сферата на безбедноста на граѓаните многу подобро се разрешуваат со женски пристап, кој многу често се потценува. Жените полицајки можат да бидат подобро да одговорат во случаи за справување со ситуации што вклучуваат жени и деца и можат да обезбедат единствена перспектива за случаите на семејно насилство и сексуален напад.

И на крајот, но никако помалку важно, жените во полицијата се инспирација за идните генерации.

Зголемената застапеност на жените во спроведувањето на законот може да ги поттикне младите девојки да размислат за кариера во полицијата и други традиционално машки доминирани области.

Имајќи ги овие препораки предвид, се чини дека реакцијата на Платформата за родова еднаковст е сосема на место.

Од платформата велат дека наместо да се вложуваат напори во унапредување на стандардите за отчетност, професионализам и инклузивност, се предлага уназадување на клучна законска одредба. Тоа не само што е спротивно на националните стратешки определби, туку директно ги нарушува и меѓународните обврски на државата, вклучително и Истанбулската конвенција и Повелбата за основни права на Европската Унија.

Со ова, се испраќа опасна порака дека рамноправноста и правичната застапеност се секундарни, а не основни принципи на демократија, безбедност и човечко достоинство.

Жените, како и припадниците на сите различни заедници во општеството, имаат право да бидат еднакво вклучени во институциите што постојат за да ги штитат. Без нивно системско присуство, нема ниту правична заштита, ниту доверба, ниту вистински сервис за сите граѓани.

Оттаму, сосема оправдана е поддршката за Платформата за родова еднкавост од каде што се наведува барањето за итно повлекување на измените со кои се укинува членот 96, како и јасна институционална заложба дека принципите на еднаквост, инклузивност и недискриминација остануваат неприкосновени темели во изградбата на ефикасна, одговорна и праведна полиција.

Зачлени се на нашиот е-билтен