Ливан (темјан), смирна и злато се даровите што му ги донесоа „мудреците од Исток“ на богочовекот Христос на неговото раѓање Витлеем. Ливанот е ароматична смола која се собира со сечење на тенката кора на дрвото Босвелија (темјаново дрво), кое расте во Арабија, Сомалија, Индија и Либан. Се употребувала како темјан за световна и богослужбена употреба од дамнешни времиња (Египќани, Вавилонци и Евреи). Миризлива смола е и смирната, која се собира од дрвото Мирта (сродно дрво кое расте во Арабија и Етиопија). Смирната се користела во медицината, додека, кога Исус бил на крстот, Му понудиле смирна како средство против болка, додека, според преданието, со смирна и алое било помазано Неговото тело кога го испуштил духот.
Изборот на одредени дарови не е без значење. Тоа се скапоцени дарови, и поради нивната примена, и поради симболиката која ја имаат. Златото, со блесокот и неменливоста, е дар за царските рожби, ливанот е израз на божественоста на Христос (да се издигне мојата молитва како темјан пред Тебе – псалм 140), додека смирната е израз на смртта, односно за пасхата и возвишувањето на Христос. За смирната Дамаскин вели: „Смирна му однесоа како на тридневен мртовец, како што требаше да биде, бидејќи Христа со смирна го помазаа и го положија во гробот, како што сведочи Евангелието“.
Според православното предание, пред Успението, Богородица ги предала овие дарови, заедно со пелените Христови, заедно со нејзината чесна наметка и светиот појас на Црквата во Ерусалим, каде што останале до 400 година. Тогаш владетелот Аркадиј ги пренесе во Цариград. Таму останаа до освојувањето на градот од крстоносците во 1204 година. Потоа беа пренесени, поради безбедносни причини, заедно со други реликвии, во Никеа Витинијска, поранешниот главен град на Византија, каде што останаа околу шеесет години. Со прогонот на Крстоносците од страна на Михаил Палеолог беа вратени во Константинопол каде што останаа до освојувањето во 1453 година. По освојувањето Мара, христијанската сопруга на султанот Мурат II (1421-1451) и мајка на Мухамед II, ги пренесе во Свештениот манастир на Свети Павле во Света Гора, чија што главна црква посветена на свети Георги била изграднеа од нејзиниот татко, Георги Бранкович, владетел на Србија. Според светогорското предание, кога Мара сакала да се качи кон манастирот, Богородица на натприроден начин ја спречила да се приближи до манастирот и да го наруши аватонот на Света Гора.
Мара послушала и ги предала светите дарови на монасите, кои на тоа место издигнале еден крст, како сведоштво на Богородичното појавување. Султанскиот документ кој сведочи за предавањето на даровите се чува во архивата на манастирот Свети Павле. Златото е ставено во 28 плочки со различна големина. Секоја плочка има различна уметничка изработка. Ливанот и смирната се чуваат како мешавина во форма на шеесет и две топчиња со големина колку една маслинка. Автентичноста на Даровите се потврдува од усното предание и од историјата. Но автентичноста на Чесните Дарови се потврдува и од неискажливото благоухание (арома и мирис) која одвреме навреме се шири од нив, и од исцелителната и чудотворна благодат која до ден денес постои. Запишани се многу чуда кои се случуваат сѐ уште од овие свети дарови.
А тројцата цареви-мудреци откако си заминале од кај Младенецот, отишле во своите земји да ја проповедаат радосната вест за раѓањето Христово, а според некои сведоштва се смета дека апостолот Тома ги ракоположил за епископи. Се смета дека се упокоиле во исто време и дека на исто место биле погребани. Царицата Елена ги нашла нивните свети мошти и ги пренела во Цариград, а во V век биле однесени во Милано. Во 1164 година, по желба на императорот Фридрих I Барбароса моштите биле однесени во Германија, во градот Келн кај архиепископот Рејналд, каде што на 24 јули бил востановен празникот на „Тројцата кралеви“. Денес се чуваат во Келнската катедрала посветена на Пресвета Богородица и на апостолот Петар. Во XIII век Марко Поло сведочи за постоење на гробница на тројцата мудреци во персискиот град Сава (југозападно од Техеран).