„Звучни топови“ биле распоредени на протестот во Белград, тврди припадник на жандармеријата

Опозициската пратеничка Мариника Тепиќ објави фотографија на „звучен топ“ поставен пред Народното собрание за време на протестот во Белград на 15 март.

Припадник на жандармеријата за српскиот весник „Данас“ изјави дека на протестот биле распоредени повеќе „звучни топови“, при што еден бил поставен зад Народното собрание.

„Уредот беше монтиран на хаубата на нашето возило ‘дефендер’, што колоквијално го нарекуваме ‘индијанец’. Покрај него имаше ‘оператор’ задолжен за негово ракување, а лево од возилото беше паркирано уште едно со ист уред. Ни беше објаснето дека уредот ќе се активира доколку е потребно и како да постапиме во таков случај“, изјави изворот, чие име е познато на редакцијата.

Тој додава дека звучните топови биле распоредени на повеќе локации, вклучително и мобилни уреди кои не биле монтирани на возила. Според него, секој одред на жандармеријата во Белград, Нови Сад, Краљево и Ниш располага со два вакви уреди, но ова е првпат тие да бидат изнесени од базата.

„Ни кажаа дека еден уред бил поставен во или до Претседателството, а тракторите паркирани околу Пионерскиот парк биле таму за да го намалат ефектот доколку уредот се активира, бидејќи и наши луѓе беа во паркот“, додава тој.

Во врска со наводната употреба на „звучен топ“ кај зградата „Београѓанка“, изворот вели дека не знае од каде би можел да биде активиран, бидејќи тој бил во близина на Собранието.

Опозициската пратеничка Мариника Тепиќ на прес-конференција обвини дека српското МВР набавило седум апарати LRAD 450XL, кои ги нарече „оружје за психичко и физичко мачење на граѓаните“.

„Фативме еден звучен топ пред парламентот, а каде се другите шест?“ – праша Тепиќ, покажувајќи документ според кој МВР набавило вкупно 16 вакви уреди – седум од типот 450XL и девет од типот 100.

Таа најави дека опозицијата нема да застане тука и дека ќе бара одговорност за нивната употреба.

Зачлени се на нашиот е-билтен