Саат кулата во Прилеп има и повеќе приказни. Некои од нив се историски и легенди, а другите се фактографски и стручни. Накривувањето на кулата е една од нив…
Зоран БОЈАРОВСКИ, Снимател: Димитар РИСТЕСКИ
Ова се отчукувањата на сатниот механизам на часовникот на саат кулата во Прилеп. До 2013 година овој тик-так го немаше. Часовникот не работеше. Симболот на градот под Маркови кули не го мереше времето.
Можеме само да замислиме какво било чувството што заради тоа го имал Димитар Чучуроски, часовничар од семејство кое со генерации се бавеле со овој занает.
Во кусата репортажа за Рацин.мк, Димитар Чучуроски ни го раскажа неговото пријателство со кулата и со часовникот. Во 2013 година по неколку претходни неуспешни обиди, сепак успеал да ги убеди челниците на градот да му дозволат да се качи во кулата, да го види механизмот на часовникот и да се обиде да го поправи.
Пред него, на неколкумина инжинери од градот не им успеало да го направат тоа.
Чучуроски вели, „часовникот не е пациент па да му каже на докторот што го боли, па потоа да оди на рентген или на магнетна и на снимките да ја откријат болката“.
Но, за часовничар со долгогодишно искуство и од самејство со повеќе генерации часовничари, тоа не било потребно. Кога се искачил и откако внимателно го разгледал и механизмот, знаел што треба да направи.
Наместо да бара делови за часовникот во Виена или Грац, од каде што се претпоставува дека е донесен, тој со неколкумина занаетчии, дреари од Прилеп, ги направил деловите за кои бил сигурен дека треба да се заменат.
И навистина, со монтирањето на новите делови, срцето на часовникот во саат кулата во Прилеп, повторно почнало да чука. Од тогаш наваму, секој ден се огласуваат звучните тонови што го означуваат точното време секој час.
Од тогаш, Чучуро секој три дена се качува преку тесните спирални камени скалила стари повеќе од 150 години и во дрвената конструкција на саат кулата, којашто е исто толку стара, го навива механизмот на часовникот за да го означува точното време за прилепчани и за сите гости намерници што доаѓаат во градот и кои уште од Плетвар го гледаат симболот на градот.
Освен оваа, саат кулата во Прилеп има и повеќе други приказни. Некои од нив се историски и легенди, а другите се фактографски и стручни. И едните и другите се чуваат во Националната установа Завод и Музеј Прилеп.
„Саатов како да е накривен, кулава че падни“
Во оваа установа работат повеќемина стручни луѓе кои на еден или друх начин, меѓу другото се поврзани и со чувањето, одржувањето и проучувањето на саат кулата во Прилеп.
Една од нив е кустосот, археолог Паре Зареска.
„Покрај тоа што музејот во Прилеп чува стари предмети, чува и обемна документација врз основа на којашто се направени бројните конзерваторски зафати околу Саат кулата. Приказните стопан немаат – луѓето за сермија своја ги земаат.
Онаа историската е помалку или повеќе е позната приказна дека кулата била изградена некаде кон крајот на 19 век од прилепските мајстори Коста Лауцот и Ристе Тасламиче, истите оние кои ја изградиле Стара црква во 1838 година.
Во осумдесеттите години на минатиот век низ прилепската чаршија од човек на човек, во почетокот потивко, а потоа сѐ погласно и погласно да се шепоти дека – саатов како да е накривен. Кулава че падни.
Накривувањето на кулата достигнало дури со 117 сантиметри
Накривувањето на кулата е следната приказна за градскиот саат во Прилеп.
Инклинацијата на кулата била зебележана по вертикалната оска од страната каде што се скалите уште во 1986 година кога требало да бидеат изведена конзерваторските работи на подножјето на кулата.
Гласините за накривувањето станувале сѐ погласни и Завод и музеј од Прилеп иницира серија акции меѓу кои најбитна е онаа за следење и мерење на накривувањето на Саат кулата, односно на инклинацијата. Потоа следувал и проект за конструктивна консолидација на саат кулата. Интересно е да се напомене дека накривувањето на кулата достигнало дури со 117 сантиметри.
Зареска од Завод и музеј Прилеп ги пренесува активностите што биле преземени за да стабилизирање на саат кулата:
„Мерењата започнуваат во 1985, кога конзерватор советник Василка Печијареска во соработка со проф. Борис Чипан, изработуваат проект за конзервација Тој се реализира во 1986 година.
Интересно е партерното решение предложено во тој проект. Предложено е да се откријат старите мермерни корита околу саат кулата. Така би се симнало за 50 сантиметри подолу и би се виделе оние стари мермерни плочи коишто ги користеле во тие времиња.
Но, заради големите накривувања на саат кулата, заради статичките проблеми, тој проект не е реализиран, односно акцентот е ставен на отстранување на причните за инклинацијата.
Применети се методи на амбиент и принудни вибрации. Тука се оценети еластичноста, носивоста и деформационите карактеристики на објектот.
Дел од причините лежат во составот на земјиштето. Имено, земјиштето е меко и саат кулата тоне надолу. Но и тоа тонење е битно што не остава никакви пукнатини на фасадата на саат кулата од што се гледа мајсторијата на мајсторите Коста Лауцот и Ристе Тасламиче.
Потоа следуваат неколку интервенции за санација и стабилизација којшто ги прават нашите архитекти од Завод и Музеј Прилеп.
Архитектите примениле армирано бетонска конструкција – армиранобетонски жакети, со коишто се издлабени дупки и потоа се исполнети со бетон, така наречени бетонски шајки. Со нив е направена армирана бетонска мрежа со којашто тлото целосно е зацрвстено и денес саат кулата нема да падни и че си остани онака како што ја гледаме сега.
105 скалила за незборавен предизвик
Никогаш нема да ги доживеете овие приказни ако не влезете и не се искачите во прилепскат саат кула.
Нема да претераме ако речеме дека тоа е сериозен предзивик.
Клучот од портата е секогаш кај Диме Чучуро, но тој беше доволно љубезен за да се најдеме во чаршијата и да влеземе во кулата.
Треба да се искачат 105 спирално подредени скалила, во тесниот и темен простор. Во еден момент ќе помислите дека искачувањето нема крај. Но, токму тогаш, ќе стигнете до првото пошироко одмориште, односно до делот каде што завршува ѕиданиот дел и започнува дрвената конструкција на кулата.
Овој дел од саат кулата е дом на инсекти, пајаци, муви, гулаби, а земја и прашина има во изобилство.
Но, сето тоа станува неважно кога ќе стигнете тука, на најгорниот дел од кулата, на височина од 34 метри. Навистина може да се доживее Прилеп во една сосем поинаква перспектива. Животот на граѓаните може да се посматра во сите улички на старата чаршија, од сите страни на градот, до Марковите Кули, да се фрли поглед на Селечка планина.
Едноставно незаборавен настан, кој ќе го доживеете доколку останете упорни и ги изминете тесните скали до врвот.