Академик Камбовски: Да се зајакне позицијата на Судскиот советот во однос на отчетноста и на транспарентноста

Здружението за кривично право и криминологија на Македонија и Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ денеска организираа научно-стручна расправа за Предлог-законот за Судски совет, на која присуствуваа преставници од Судскиот совет, од судовите и од академската заедница.

Треба да се отвори дебата што поскоро за тоа какви измени ни требаат и на самиот Устав за да се зајакне позицијата на Судскиот советот во однос на отчетноста, на транспарентноста и така натаму, како и за зајакнување на независноста на судството, истакна академик Владо Камбовски, кој е член на Извршниот одбор на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија.

На расправата беше нагласено дека се работи за важен закон затоа што работата на Судскиот совет треба да ја гарантира независноста на судството во државата, особено што владеењето на правото и хармонизацијата на правниот систем на Македонија со правото на ЕУ се важна точка на нашиот напредок кон европското семејство.

Тој оцени дека е направен исчекор со тоа што сите кандидати за членови на Судскиот совет предложени во Собранието треба да одат низ постапка на јавно интервју со што ќе се проверат нивната стручност, знаења и ставови во однос на судството, но останува да се доразвијат некои детали. Според него сегашното решение е доста флуидно и не гарантира дека секогаш во Судскиот совет ќе има универзитетски професори и истакнати правници. Со разнородната структура на Советот ќе се намали политичкото влијание и заобиколувањето на одредбите за тоа кој ќе биде избран за судија.

– Прашањето за судската заштита, кое во дадениот предлог форсира заштита на правата во однос на разрешување и други постапки пред Управниот суд, според мене е проблематично прашање. Мораме прво да ја создадеме легислативната основа, меѓутоа на крајот клучот е во самите луѓе кои се избираат и кои ги вршат функциите, односно интегритетот на судиите и на членовите на Судскиот совет. Самиот закон може да постави одредени рамки, но веројатно дека сите овие искуства што ги стекнавме во овој период ќе влијаат врз тоа како да се посматра во улогата на судството воопшто во општеството, додаде Камбовски.

Зачлени се на нашиот е-билтен