ЦИК на Косово досега ги преброи гласовите на 99,17 отсто од избирачките места. Од 2533 избирачки места, обработени се 2512 избирачки места.
Според досегашните прелиминарни резултати на ЦИК, Движењето Ветевендосје води со 40,83 отсто од гласовите, а по него се ПДК со 22,15 отсто и ЛДК со 17,59 отсто. Коалицијата ААК-Нисма-Конзервативци-интелектуалци е на четврто место со 7,47 отсто од гласовите.
Српската листа доби 4,43 отсто од гласовите, а Коалицијата за семејството 2,26 отсто.
Со ваков сооднос на резултатите, Косово изгледа подготвено за период на политичка неизвесност, бидејќи главните политички партии ја отфрлија можноста за градење коалиција по изборите.
Во својот победнички говор во раните утрински часови, Курти, кој ја отфрли можноста за формирање коалиција пред изборите, ја нарече опозицијата „животни“ и „крадци“ подготвени да склучат договор „со ѓаволот“ против неговата влада.
Политичките аналитичари сметаа дека Курти ќе мора да коалицира или со второпласираната Демократска партија на Косово (ПДК), која освои 22,2 отсто од гласовите или со партијата Демократска лига на Косово (ЛДК), која имаше 17,8 отсто.
Водачот на ПДК, Бедри Хамза, рече дека неговата партија нема да биде партнер со Ветевендосје. „Имаме многу разлики, тие сакаат апсолутна власт“, рече тој на прес-конференција во понеделникот.
Третопласираната ЛДК соопшти дека ќе ги чека конечните резултати пред да ги објави своите планови. Таа ја отфрли можноста за коалиција со Курти пред гласањето.
Српската листа е апсолутен победник на овие избори, изјави претседателот на листата Златан Елек. Тој посочи дека сите 10 места во парламентот во Приштина се во рацете на Српската листа.
Како ова ќе влијае на политичката и безбедносната стабилност на Косово и на Регионот останува да се види, но треба да се има предвид дека Албин Курти освен што ќе се соочи со проблеми во поделбата на власт со албанските партии, на грбот ќе му стои и Вучиќ и особено незадоволството што го има кај САД и ЕУ.
Така што ако Курти не успее да формира коалициска Влада, можно е на Косово наскоро да има предвремени избори.