Албанија во вторник отвора уште еден кластер од преговорите со ЕУ

Во вторник албанска делегација предводена од премиерот Еди Рама ќе присуствува во Брисел на третата Меѓувладина конференција со ЕУ на која ќе биде отворен 6-тиот кластер „Надворешни односи“ од процесот на преговори со ЕУ.

Како дел од овој кластер се надворешната, безбедносната и одбранбената политика.

„Се очекува оваа група на поглавја да се затвори побрзо во преговорите, и поради тоа што Албанија беше на иста линија со надворешната политика на ЕУ, главно во воведувањето санкции кон Русија по агресијата во Украина или за други прашања поврзани со безбедноста на европскиот континент или нејзината надворешна политика, вклучително и позицијата за конфликтот во појасот Газа“, објави abcnews.al.

Оваа трета Меѓувладина конференција ќе биде втора за време на унгарското претседавање, по онаа што се одржа во Луксембург на 15 октомври, каде Албанија ги отвори петте поглавја од првиот кластер, во кои беа вклучени судството и основните права, набавките, статистика, безбедност и финансиска контрола.

Овие ќе се сметаат и за најважните поглавја на патувањето на Албанија кон Европската унија, не само поради политичкиот предизвик туку и поради улогата што ќе ја имаат независните институции, главно од правосудството, во борбата против корупцијата и организираниот криминал, тероризмот, па дури и стандарди кои треба да ги обезбедат агенциите за спроведување на законот.

„Патот на Албанија кон Европската унија, кој беше одобрен во март 2020 година, се покажа успешен, но не без предизвици и тешкотии од страна на Унијата, која долги години ја поврзуваше судбината на Тирана со онаа на Скопје, а само пред два месеца, Албанија се одвои од Северна Македонија“, наведува телевизијата.

Во меѓувреме, иако отворањето на поглавјата за Албанија дојде по долго чекање, премиерот Рама во повеќе наврати изрази оптимизам дека преговарачкиот процес ќе биде завршен во 2027 година, како исполнување на амбицијата на неговата влада дека во 2030 година Албанија да биде полноправна членка на Европската Унија.

Зачлени се на нашиот е-билтен