Косовското собрание денеска не успеа да ја избере Албуљена Хаџиу за претседател на Парламентот, дури ни по шестиот обид.
За време на гласањето, Хаџиу доби поддршка од 54 пратеници, 44 беа против, а три лица беа воздржани.
За нејзе гласаа пратениците на Самоопределување, како и пратениците на малцинските заедници, освен Адем Хоџа кој гласаше против.
Пратеничката Дуда Баље, која досега гласаше против, не учествуваше на седницата.
Пратениците од Демократската партија на Косово, Демократската лига на Косово и Алијансата за иднината на Косово гласаа против.
По седницата, претставници на поранешната опозиција изјавија дека сè изгледа како театар и ја обвинија победничката партија дека намерно го спречува конституирањето на парламентот бидејќи немала гласови за формирање нова косовска влада.
Од друга страна, Самоопределување ги обвини пратениците од поранешната опозициска партија дека го блокираат нивниот предлог.
Продолжението на конститутивната седница на косовскиот Парламент е закажано за 1 мај.