Амандманска расправа за измените на Законот за надворешни работи

Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за надворешна политика и надворешна трговија, за локална самоуправа и Законодавно – правната комисија. 

На дневен ред на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија е амандманска расправа за Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за надворешни работи. Според информациите од собраниската веб страна за измените и дополнувањата е поднесен еден амандман и тоа поднесен од Моника Зајкова, со кој пратеничката бара, покрај другото, амбасадорот кој се именува од составот на дипломатско-конзуларните службеници да треба да има дипломатско звање најмалку министер советник, како и најмалку две третини од вкупниот број на амбасадори да се именуваат од составот на дипломатско – конзуларните службеници со највисоки дипломатски звања во Министерството.   

Пратениците треба да дадат согласност и за ратификациите на Протоколот за изменување и дополнување на Конвенцијата за кривичните дела и некои други акти извршени во воздухоплови, на Протоколот за дополнување на Конвенцијата за сузбивање на незаконито грабнување на воздухоплови, на Конвенција за спречување на незаконски дејствија поврзани со меѓународното цивилно воздухопловство, на Факултативниот протокол на Конвенцијата за правата на детето за постапка по претставки и на измената на Конвенцијата за оцена на влијанието врз животната средина во прекуграничен контекст усвоен во Софија, на 27 февруари 2001 година и втората измена на Конвенцијата за оцена на влијанието врз животната средина во прекуграничен контекст усвоен во Цавтат, на 4 јуни 2004 година. 

На дневен ред на Комисијата за локална самоуправа се Предлог-измените на Законот за локална самоуправа, во прво читање, кои во вторникот поминаа на владина седница. Со нив, меѓу другото, се предвидува референдумско отповикување на градоначалници, воведување на комунална полиција и поголемо учество на граѓанскиот сектор во носењето одлуки на локално ниво.

Зачлени се на нашиот е-билтен