Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Михалис Рокас денеска ќе ја посети општина Охрид како дел од иницијатива за приближување на ЕУ и процесот на интеграција на земјата до локалното население.
Делегацијата на ЕУ во Скопје соопшти дека Рокас ќе ја почне посетата со средба со градоначалникот Кирил Пецаков и членовите на Општинскиот совет.
-За време на средбите ќе се истакнат придобивките од пристапувањето кон ЕУ како и конкретното влијание на поддршката од ЕУ врз секојдневниот живот во регионот, се наведува во соопштението.
По средбите, амбасадорот Рокас ќе ја посети Планинарската спасувачка служба во Охрид, проект поддржан во рамките на Програмата за прекугранична соработка меѓу Албанија и Северна Македонија.
Амбасадорот на ЕУ утре ќе ја посети општина Струга каде што во „Јуроп Хаус Струга“ ќе се сретне со млади локални претприемачи „со кои ќе ги разгледаат иницијативите насочени кон намалување на миграцијата на младите и зајакнување на општествената структура на регионот“.