Америка во страв од кинески шпиуни: САД воведуваат забрана за кинеска технологија во подводните телекомуникациски кабли

САД со години изразуваат загриженост за улогата на Кина во управувањето со мрежниот сообраќај и потенцијалната шпионажа, а Федералната комисија за комуникации (FCC) денес објави усвојување на правила што би забраниле поврзување на подводните комуникациски кабли со територијата на САД ако содржат кинеска технологија или опрема.

Со оваа иницијатива, Федералната комисија за комуникации сака да спречи странска сопственост на подводни кабли, да го ограничи неовластениот пристап и да ја заштити мрежата од сајбер и физички напади, објавува Ројтерс.

Според извештајот, комисијата ќе побара јавно мислење за дополнителни мерки за заштита на безбедноста на подводните кабли од опремата на странски противници.

Иницијативата доаѓа откако сечењето на два подводни оптички кабли во Балтичкото Море предизвика сомневања за можна саботажа.

Минатата година, FCC соопшти дека разгледува нови правила за подводните интернет врски како одговор на растечките безбедносни закани, како дел од поширок преглед на прописите за тие клучни телекомуникациски патишта.

Потоа комисијата разгледа забрана за користење на опрема и услуги од фирми на листата на FCC на компании кои претставуваат закана за националната безбедност на САД, вклучувајќи ги Huawei, ZTE, China Telecom и China Mobile.

Соединетите Американски Држави имаат мрежа од повеќе од 400 подморски кабли кои пренесуваат дури 99 проценти од меѓународниот интернет сообраќај.

Зачлени се на нашиот е-билтен