Мнозинството Грци не се убедени дека Владата и Министерството за правда прават сѐ што можат за расветлување на железничката несреќа кај Темпи од пред речиси две години во која загинаа 57 лица, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „MRB“ за грчката телевизија „Опен“, јави дописничката на МИА од Атина.
Поконкретно, 81,1 отсто од анкетираните на прашањето дали Владата прави сѐ што може за расчистување на несреќата одговориле „сигурно не“ или „веројатно не“, додека само 14,5 проценти дале позитивен одговор, а сличен е ставот и во однос на правдата и 77,5 отсто одговараат негативно на истото прашање.
Железничката несреќа кај Темпи што се случи на 28 февруари 2023 година во изминатиот период е главна тема во Грција, откако во јавноста беа објавени нови информации, по што во неделата беа организирани масовни протести.
Во однос на рејтингот на партиите во Грција, анкетата покажува дека Нова демократија и натаму е главна политичка сила во земјата со 21 отсто, втора е ПАСОК со 12,4 проценти, трета е радикално десничарската Грчко решени со 7,2 отсто, а потоа следат Комунистичката партија (7,1 процент) и СИРИЗА (6,3 отсто).