Мнозинство од Американците се против проширување на територијата на САД со Канада и Гренланд, додека 79 отсто од републиканците се против давање финансиска помош на Украина за нејзина одбрана од руската агресија, се дознава од најновата анкета на „Волстрит журнал“.
Од друга страна, 83 отсто од демократите ја поддржуваат продолжената финансиска помош од САД за Украина да се брани нападите на од Русија, наспроти 79% од републиканците кои се изјасниле против тоа.
Од анкетата се дознава и дека 62 отсто од американските избирачи сметаат дека припојувањето на Гренланд и Канада со САД е лоша идеја. Само 25 отсто ја поддржуваат оваа идеја, а останатите 13 отсто изјавиле дека не можат да се изјаснат или одбиле да одговорат.
Истовремено, над половина од републиканците (51 отсто) ги поддржуваат изјавите на претседателот Доналд Трамп за територијално проширување.
Весникот исто така го испита ставот на американските избирачи кон НАТО. Според резултатите, 81 отсто од демократите имаат позитивен став кон НАТО, додека меѓу републиканците тој процент изнесува само 31 отсто.
Анкетата е спроведена од 27 март до 1 април меѓу 1.500 регистрирани избирачи, со маргина на погрешност од 2,5 проценти.