„Настаните на 27 април се навистина тешко дело против државата, но и тогаш, и сега, го повикуваме јавниот обвинител, вистински да истражи кои се организаторите“, порача одбраната на обвинетите за случајот „Организатори за 27 април“, откако Основниот Кривичен суд Скопје денеска го уважи барањето за амнестија на обвинетите ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристески, поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски и поранешниот директор на УБК, обвинетиот Владимир Атанасовски.
Според адвокатот Јордан Апостолски, после шест години, притвори, куќни притвори, понижувачки однесувања, Судот ја донел единствената можна одлука, а тоа е да ги ослободи и да ги амнестира обвинетите.
– Уште на почетокот на овој процес тврдевме дека се работи за политички монтиран процес, се со цел да бидат ослободени од одговорност вистинските организатори на настаните, а од изведените докази се покажа дека овие лица немаат никаква инволвираност во настаните за 27 април.
Судијата Илија Трпков, на почетокот посочи дека настаните во Собранието на 27 април 2017 година не се ниту сечени, ниту монтирани, туку вистински, порачувајќи дека ова е демократска земја и секој има право да порачува што смета, а судиите треба да опстанат и издржат во процесите.
– Уривањето на Собранието е уривање на државата. Лично и како Совет се уште сме на ставот дека интенцијата на законодавецот со Законот за амнестија беа да не се амнестираат организаторите, но секогаш има едно но, и ЈО и Апелација одлучувале дека тројцата обвинети тука не постапиле спротивно од овластувањата, изјави Трпков.