Арсовска до советниците на ВМРО-ДПМНЕ: Имате ли образ, дали не се срамите самите од себе си, јас вакво флагрантно бранење на Ганиу, не сум видела

Кавги и довикувања од место на денешната седница на Советот на Град Скопје, откако градоначалничката, Данела Арсовска, извади документи за кои тврди дека општината Чаир предводена од градоначалникот Висар Ганиу ги прекршила основните законски процедури. Арсовска од говорницата тврдеше дека Ганиу фалсификувал документи дека Град Скопје дал решение и пресметало комуналии за објект дивоградба.

Додека Арсовска говореше, постојано беше „бомбардирана“ со навреди од советниците на ВМРО-ДПМНЕ. Обраќајќи им се таа рече:

„Па нели ќе ги апсевте? Висар Ганиу, до пред една година беше ДУИ, сега е Вреди, вие сте заштитници на криминалот во Македонија. Треба да сте загрижени за граѓаните, за жителите на град Скопје. Госпоѓо дали може да не урлате, многу сте невоспитани. Јас вакво флагрантно бранење на Висар Ганиу, не сум видела. Имате ли образ, дали не се срамите од себе си. Господинот Страшо е единствениот кој има образ тука (станува да си оди) зашто не може да ви го гледа циркузот. На увид на целокупната македонска јавност го доставувам тука докуменот со кој Ганиу врши фалсификат. Овој документ кој што го има формално правно издадено општината Чаир наводно во 2024 година, содржи два документи, што е флагрантно кршење на законот. Јас овде излегувам само да ви кажам зошто барам да се одржи седницата, сакам да ви покажам документи кои градоначалникот Висар Ганиу ги фалсификувал. Тој фалсификувал документи дека Град Скопје дал решение и пресметало комуналии за објект дивоградба. Тоа што не ми дозволувате да се обратам покажува дека се плашите и дека го браните Ганиу“, рече Арсовска.

Иако денеска се очекуваше Советот на Град Скопје да расправа за дивоградбите во Чаир, а потоа и за во Сарај, на две одвоени вонредни седници, првата предложена од советничката група на СДСМ, а втората од ВМРО-ДПМНЕ, денеска уште непочната заврши првата вонредна седница, затоа што мнозинството советници предводени од ВМРО-ДПМНЕ не го изгласаа дневниот ред.

Со оглед на фактот дека досегашниот претседател на Советот Трајко Славески е именуван за гувернер на Народната банка, според Деловникот на Град Скопје со седниците требаше да претседава најстариот советник Халиде Палоши од ДУИ, но таа не беше присутна на седницата, па по предлог на советничките групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, со седницата претседаваше Никола Пановски.

И покрај очекувањата дека ќе се дискутира за она што во изминатите денови беше најактуелно во јавноста, советниците од ВМРО-ДПМНЕ, откако едвај се изгласа дека е оправдано одржувањето вонредна седница предложена од СДСМ за дивоградбите во Чаир, потоа не гласаа за дневниот ред. Со тоа, заврши обидот да се одржи вонредната седница, на која присуствуваше и градоначалничката Данела Арсовска заедно со сите директори на јавните градски претпријатија.

Арсовска потоа излезе на говорницата и уште еднаш укажа на, како што рече криминалите и грубиот фалсификат што го направил градоначалникот Висар Ганиу што предизвика жестоки расправии помеѓу неа и советниците од ВМРО-ДПМНе, кој бараа од Пановски да ѝ го одземе зборот.

По кавгата и меѓусебните навреди, советникот Стефан Кирков го повлече предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за одржување вонредна седница за дивоградбите во Сарај. Според него, граѓаните не заслужуваат да го гледаат циркусот што се случува на седницата на Советот.

Зачлени се на нашиот е-билтен