Таа најави дека со нејзиниот тим обезбедиле уште 4.000 нови страници докази кои ќе ги достават до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал. Арсовска на полицијата и порача дека криминалците ‘кои ги бранат’ треба да ги однесат во затвор.

„Јас нема да се откажам затоа што Висар Ганиу ми се закани дека ќе ми убива семејство, дете, по дете ми се закани, по сигурноста на моето семејство и нема да се откажам. Не знам како да ви кажам, нека вас ова ви е циркуз и политика. Ако нејќевте циркуз и политика тогаш не требаше Ганиу да ми се заканува. Ќе бидам гласна, затоа што немам намера да дозволам на моето дете ништо да му се случи. Секој ден, додека човекот не го уапсат, ќе висам по дивоградби“, рече градоначалничката Арсовска.
Арсовска најави дека таа и нејзиниот тим имаат обезбедено 4.000 нови страници на докази кои ќе ги однесат во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
„Кога ќе ги видите доказите за глава ќе се држите. Немојте после да се чудите зошто ме напаѓаат и зошто ме тепаат по улици. Затоа што тие документи ќе ја срушат државата и криминалците кои ги бранат овие што се на власт. Најдобро нешто што можевте да го направите за себе, за својата влада и за своите граѓани е кога ќе биде фатен некој криминалец да го носите во затвор, а не да ми раскажувате приказни за политика и за циркуз“, рече Арсовска.
Градоначалничката вели дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ, знае да биде бучна и тоа само за едно намигнување кон пратеничката од нивните редови, Дафина Стојановска.
Таа праша дали не заслужува да живее нормален живот?
„Ако си пријавила пред три години, тогаш зашто си била тивка, ако пријавиш гласно, тогаш зашто си бучна. Зашто не си кажала тогаш, зашто си кажала сега. Е, сега кога кажуваш, не сега, седи мирна, ќути, што си барала таму, седи си дома. Луѓе, срамота е ова што се случува. На онаа Дафина и намигнаа во Собрание, се потепаа да ја бранат“, рече Арсовска.
За дефокусот од инцидентот со бугарскиот пасош Арсовска вели дека поседува чешка патна исправа.
„Ми следува државјанството, не разбирам што е поентата? Која е поентата луѓето да ги етикетирате. Утре ќе викате леле, Чех е? Што ќе викате? Не смееме да сме различни. Јас не можам да ги разберам нападиве. На крајот на краиштата, чив државјанин сака нека е, кога е во Македонија, ако е нападнат, должни сте да го браните. И Андреј Ковачев, да дојде тука во Македонија да прошета, должни сте како МВР да го браните. Ме разбирате. Но, него нема да го нападнете, другар ви е. Тој ви лиферува информации, нормално. Не заслужуваме вакво нешто“, рече градоначалничката на Скопје.