Новата австриска влада на Народната партија, социјалдемократите и либералите најави построги правила за азил и бегалци при претставувањето на владината програма денеска во Виена, а претставниците на коалициските партии изразија задоволство од договорот по долги преговори.
„Договорот успеа само благодарение на типично австрискиот пристап: разговорите ги зближуваат луѓето“, рече Кристијан Штокер, претседател на Австриската народна партија (АНП).
Претседателите на АНП, Социјалдемократската партија на Австрија и либералната партија Неос веќе поднесоа коалициски договор до австрискиот претседател Александар ван дер Белен на разгледување.
Коалициската програма делумно содржи силно заострување на законите за бегалци и азил.
Така, обединувањето на семејството за лицата на кои им е одобрен азил е суспендирано до понатамошно известување. Лицата чии барања за азил се одбиени повеќе нема да можат да го поминуваат времето до нивното протерување на слобода, туку ќе бидат сместени во посебни центри.
Промени се предвидуваат и во кривичното право во секторот тероризам со идеолошка позадина.
Како дел од пакетот закони кои треба да ја подобрат интеграцијата на имигрантите од другите култури, ќе се забрани носењето шамија за девојчиња помлади од 14 години.
На надворешнополитичкиот фронт, новата австриска влада продолжува да се залага за „солидарност во Европската унија“, како и за натамошна помош за Украина. Новата влада планира да назначи и специјален координатор за помош на Украина.
Засега нема конкретна дискусија за распределбата на министерствата, но извесно е дека функцијата канцелар ќе ја заземе лидерот на АНП, Кристијан Штокер, а министер за надворешни работи лидерката на партијата Неос, Беате Мајнл-Рајзингер.
Владата треба да положи заклетва следниот понеделник, што е 155 дена по парламентарните избори во септември и најдолгиот период во историјата на Република Австрија од избори до преземање влада.