Спасовски: Не е соодветно да има седница за пратенички прашања без министри, особено кога горат пожари, а има и жртви, СДСМ ја напушти седницата

Спасовски рече дека власта го игнорира повикот за итна кординација за пожарите, Мицевски реплицираше дека Владата има луѓе кои се справуваат со пожарите. Пратениците на СДСМ и Коалицијата ја напуштија седницата за пратенички прашања

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, по паузата на собраниската седница за пратенички прашања рече дека очигледно е оти претседателот на Собранието, Африм Гаши, нема да свика ад хок координација за пожарите, бидејќи никој не ги повикал.

„За време на паузата не сме искоординирани за да се разговара за состојбата со пожарите. Очигледен е игнорантскиот однос. Не знам зошто е тоа така. Сметам дека додека се случуваат пожарите, не може да се одржува собраниска седница за пратенички прашања, особено не, кога пратеничките прашања нема на кого да ги поставиме бидејќи министрите не се тука во салата. Во ваква ситуација потребно поодговорно однесување. Седницата нема сврха, а и нема зошто повеќе учествуваме на седницата во моменти кога горат пожарите и кога имаме и жртви“, рече Спасовски.

Пратениците на СДСМ и коалицијата ја напуштија собраниската седница на која се поставуваат два часа пратенички прашања.

Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, рече чдека претседателот на Собранието, Африм Гаши бил на службен пат.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски обраќајќи му се на Спасовски, од собраниската говорница рече: ‘точно е дека побаравте пауза за координација за итно да разговараме за пожарите, но јас не знам што тука ние би носеле одлуки, затоа што наша обврска е да носиме закони’.

„Премиерот го свика координативното тело за пожари кои во моментот се координира за тоа што треба да се прави. Евидентно е дека пожарите се големи, но бидете убедени дека Владата има луѓе и се справува со пожарите“, рече Мицевски.

Зачлени се на нашиот е-билтен