„Меџити и Стоиљковиќ на прославата на ‘Денот на албанското знаме’, не беа на висината на своите обврски. Наместо да ги смируваат меѓуетничките тензии, тие ги разгореа поради непостапување. Затоа се одговорни за настаните. Немаа храброст да побараат оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, затоа што полицаец го симна албанското знаме од столбот. Ако имате и малку политички дигнитет ќе си поднесете оставка, барем поради политичка одговорност, во спротивно на вас ќе гледаме како на ‘украс во Владата’“, рече координаторот на Европскиот фронт, Блерим Беџети, на денешната собраниска седница за интерпелациите.
Вицепремиерот Изет Меџити рече дека целта на интерпелацијата од Европскиот фронт е да ги скријат криминалните дејства на партијата.
„Партијата е целосно корумпирана и за тоа треба да им дадете одговор на граѓаните. Секој ден ДУИ се обидува да вметне национални теми за да го отргне вниманието на албанските деца кои се вознемирени, бидејќи со години на избори сте го барале нивниот глас, не за нивните интереси туку за своите бизниси, струја, тргување, имоти, казина“, рече Меџити.
Додека ги образложуваше интерпелациите, Бецети од говорницата само во еден момент го спомена скрнавењето на македонското знаме на 28 ноември, минатата година.
Во Собранието на 29-тата седница, прва пленарна во оваа година, на дневен ред се четири интерпелации кои коалицијата „Европски фронт“ ги поднесе за работата на четворица членови на Владата – вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик, Астрит Исени.
Интерпелацијата за претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, што ја поднесе пратеничката група на Левица, попладнево беше поддржана со 61 глас „за“, 22 против и без ниту еден воздржан.
Собранието констатира дека наводите во интерпелацијата на работата на Даути се основани. На седницата не присуствуваа пратениците на СДСМ.