Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит го прочита американското соопштение за денешниот телефонски разговор помеѓу американскиот и украинскиот претседател, Доналд Трамп и Володимир Зеленски.
Во соопштението се наведува дека Зеленски посебно се заблагодарил на САД за ракетите „Џавелин“ (Javelin), првпат обезбедени од Трамп.
„Лидерите исто така разговараа за ситуацијата во Курск и се договорија за размена на информации“, се наведува во соопштението.
Зеленски побарал и дополнителни противвоздушни ракети за заштита на украинските цивили, а Трамп одговори дека ќе работи на тоа и оти ќе размисли што е достапно во Европа.
Во соопштението се наведува и дека следните денови во Џеда, Саудиска Арабија ќе продолжат разговорите помеѓу американските и украинските тимови за прекин на огнот.
Зеленски му се заблагодарил на Трамп и за инсистирањето за размена на заробениците, а праша и за исчезнатите деца. Двете страни се согласија да работат на враќање на децата.
„Никогаш не сме биле поблиску до мирот“, истакна Ливит.
Таа потврди дека САД ќе продолжи да споделува американски разузнавачки информации со Украина.
„Ќе продолжи споделувањето на разузнавачки информации во однос на одбраната на Украина“, посочи Ливит.
Претходно, во заедничката изјава на американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност на Белата куќа Мајк Волц се наведува дека Трамп му предложи на Зеленски, САД да ги преземат украинските нуклеарни и други електроцентрали како гаранција за нивната безбедност.
„Американската сопственост на овие електрани ќе обезбеди најдобра можна заштита и поддршка за енергетската инфраструктура на Украина“, посочи Ливит.
Претседателот на Русија, Владимир Путин вчера изјави дека сака САД и другите сојузници да престанат со споделување на разузнавачки информации со Киев и да се стопира испорака на оружје за Украина.
„Нагласено е дека клучен услов за спречување на ескалација на конфликтот и негово решавање преку политички и дипломатски средства треба да биде целосен прекин на странската воена помош и доставување разузнавачки информации за Киев“, соопшти вчера Кремљ по телефонскиот разговор Путин – Трамп.