Белата куќа потврди дека Трамп утре ќе воведе царини

Белата куќа денеска потврди дека претседателот Доналд Трамп ќе воведе нови царини, иако не го откри обемот и силата на овие мерки, кои компаниите, потрошувачите и инвеститорите ширум светот нестрпливо ги очекуваат од засилената глобална трговска војна. 

Трамп со недели наназад го најавуваше 2 април како „Ден на ослободувањето“, кога ќе се воведат нови царини што ќе го преобликуваат светскиот трговски систем. 

Американскиот претседател треба да се обрати од градината на розите во Белата куќа во четири часот по локално време, односно во 21 часот по средноевропско време.

Неговата портпаролка, Керолин Левит, рече дека реципрочните царини против земјите кои имаат мерки против американските производи ќе стапат на сила веднаш откако Трамп ќе ги објави, а царина од 25 отсто за увоз на автомобили еден ден подоцна, на 3 април. 

Претседателот веќе воведе царини за увоз на алуминиум и челик и ги зголеми за сите производи од Кина. Во меѓувреме се закани со други царини, но и ги укина и ги одложи, пишуваат британските меидуми. 

Најавата на Левит покажува дека овој пат тој би можел да ги исполни своите најави.

„Претседателот има брилијантен тим од советници кои со децении ги проучуваат овие прашања, а ние сме фокусирани на враќањето на златното доба на Америка“, рече таа. 

„Вашингтон пост“ пишува дека неговите соработници размислуваат за план со кој тарифите за сите производи од други земји ќе се зголемат на 20 проценти. Владата очекува дека ова ќе резултира со приход од шест трилиони долари кои потоа би можеле да им бидат исплатени на американските граѓани.

Зачлени се на нашиот е-билтен