Берлин не се согласува со Предлогот на Европската комисија за буџет од два трилиони евра

 Германската влада соопшти дека нема да прифати предлог на Европската комисија за зголемување на долгорочниот буџет на ЕУ на вкупен волумен од два трилиони евра (2,3 трилиони долари) за годините од 2028 до 2034.

Сеопфатно зголемување на буџетот на ЕУ е неприфатливо во време кога земјите-членки вложуваат значителни напори за стабилизирање на нивните буџети, изјави портпаролот на германската влада, Штефан Корнелиус.

– Затоа нема да можеме да го прифатиме предлогот на Комисијата, рече Корнелиус, пренесе ДПА.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека предложениот буџет „ги решава предизвиците на Европа“ и „ја зајакнува нашата независност“.

Предложениот буџет на Комисијата е приближно 700 милијарди евра повеќе од она што е наменето за тековниот седумгодишен период од 2021 до 2027 година.

Буџетот на ЕУ, наречен повеќегодишна финансиска рамка, ги утврдува приоритетите на политиката на Европската унија за наредните години и колку пари се доделуваат на различни области.

Поголемиот дел од долгорочниот буџет на ЕУ се финансира од придонесите на земјите-членки, при што секоја држава плаќа одреден процент од својот бруто национален доход. Како земја на ЕУ со најсилна економија, Германија обично придонесува нешто помалку од една четвртина од достапните средства.

Зачлени се на нашиот е-билтен