Германската влада не го поддржува нацрт-буџетот на ЕУ! Економски најсилните земји-членки тврдат дека распределбата е „преголема“

Германската федерална влада го отфрли нацрт-законот за буџетот на Европската Унија за периодот од 2028 до 2034 година, кој го презентираше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен

Европската комисија предложи нов долгорочен буџет на ЕУ во износ од два трилиони евра, насочен кон зајакнување на конкурентноста и одговор на руската агресија, но на тој предлог веднаш се спротивстави Германија, најголемата членка на Унијата.

Берлин објави дека „не може да го прифати“ буџетот за периодот 2028-2034 година, вреден 2,3 трилиони евра, кој претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го оцени како „најамбициозен досега предложен“. Земјоделските синдикати, незадоволни од најавените реформи во рамките на големите земјоделски субвенции на ЕУ, брзо се изјаснија против него.

Планот предвидува посилни инвестиции во безбедноста на Европа и зголемување на нејзината конкурентност во услови на растечки трговски тензии со Соединетите Американски Држави, како и отплата на долгот настанат за време на пандемијата на ковид.

Комисијата предложи вкупно 451 милијарда евра под ознаката „конкурентност“, од кои дури 131 милијарда би биле наменети за секторите за одбрана и вселена, што е пет пати повеќе од претходно.

Буџетот предвидува до 100 милијарди евра за обнова на Украина, разорена од војната, како и значителни нови фондови за „флексибилност“, кои би биле достапни во случај на нови кризи.

Преголем буџет

Сепак, портпаролот на германската влада Стефан Корнелиус објави дека „сеопфатното зголемување на буџетот на ЕУ не е прифатливо во време кога сите земји-членки вложуваат големи напори за консолидирање на своите национални буџети“.

Германија, исто така, се спротивставува на предлогот на Комисијата компаниите со промет од повеќе од 100 милиони евра да плаќаат повисоки даноци.

Иако Берлин го смета предложениот буџет за преголем, многу европратеници тврдат дека тој сè уште не остава доволно простор за клучни приоритети како што се прилагодувањето кон климатските промени и земјоделските субвенции, ставки кои традиционално го сочинуваат најголемиот дел од буџетот.

Како економски најсилна земја-членка, Германија обично придонесува со речиси една четвртина од средствата, а во нацрт-договорот се предлага буџетот барем делумно да се финансира преку „нови извори на приходи“, односно со оданочување на компаниите со годишен обрт од над 50 милиони евра и воведување данок на електронски отпад што не се собира за рециклирање.

Нацрт-договорот, исто така, предвидува дел од приходите од данокот на тутун во главните градови да бидат насочени кон Брисел.

Предлог-договорот за буџетот мора да биде едногласно усвоен од Европскиот парламент и сите земји-членки

Зачлени се на нашиот е-билтен