Според поренешната прва антикорупционерка Билјана Ивановска, членката на ДКСК, Цвета Ристовска, ако има и малку морал треба веднаш да си поднесе оставка, за случајот „лажна диплома на Христовски“.
„Имаме две професорки кои се судски се осудени со истиот сертификат како оној на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. Наместо ДКСК да се повлече од своите тврдења, тие велат сертификатот е валиден. ДКСК се повика на изјава на инспектор, наместо корупцијата сами да ја истражуваат“, рече Ивановска.
Ивановска, посочи дека доколу Дражавната антикорупциска комисија, сака да ја врати довербата кај граѓаните, предметот веднаш треба да биде отстапен кај друг член на Комисијата, а не и понатаму да биде во рацете на Ристовска, која била професорка на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје – институцијата што ја издала спорната диплома.
„Ове веќе е работа на Обвинителство. Ако оваа членка има и малку морал треба веднаш да си поднесе оставка. Во овој слуачај Обвинителството треба да ја преземе целата работа“, рече Ивановска.
Неодамна и СДСМ обвини за судир на интереси во врска со дипломата на Христовски.
„Алармантно е откритието оти членката на ДКСК, која беше задолжена за овој случај, реферира дека сè е во ред со дипломата на Христовски, истовремено е предавач на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје – институцијата што ја издала спорната диплома.Поради судир на интереси во врска со скандалозната одлука поврзана со директорот на АНБ, Бојан Христовски, и неговата спорна диплома, Ристовска да си поднесе оставка“, велат во СДСМ.
Со пријава до ДКСК оспорена е диплома од универзитетот на кој Ристовска била професорка во време кога Христовски дипломирал во рок од една година. Според опозициската партија, ова претставува уште еден основ за директен судир на интереси, што е во спротивност со етичкиот кодекс на ДКСК, каде што јасно е наведено дека членовите не смее да одлучуваат за предмети во кои постои судир на интереси (член 9). ‘Не смее да има ниту најмал сомнеж за конфликт на интерес кај оние што треба да се борат против конфликтот на интерес’.
Според СДСМ, Ристовска требало да биде изземена од овој случај, а ДКСК треба да биде пример, а не да остава впечаток дека штити кого било.
Партијата бара и повлекување и преиспитување на одлуката за случајот со дипломата на директорот на АНБ, како и расчистување на прашањето за евентуалните неправилности во анализата на Државниот просветен инспекторат.
Претходно вчера, од антикорупциската објаснија дека соработката на Ристовска со Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје била на ниво на гостин предавач и никогаш за финансиски надомест или друг тип договорна соработка. Од тука сметаат дека не постои никаков судир на интерес бидејќи нема никаква поврзност со наведниот универзитет.
Нејзината фотографија беше пред два дена избришана, па повторно вратена назад на страната на Универзитетот во составот на универзитетскиот наставен кадар.