Битиќи: Со новиот Буџет, Владата не се грижи за граѓаните, туку за удобноста на функционерите

„Владата на Мицкоски не мисли на граѓаните туку, само како да потроши блиску два милиони евра за нов мебел, (петпати повеќе од претходниот буџет) и 7,5 милиони евра за нови возила. Ова не е буџет што се грижи за луѓето, туку буџет што се грижи за елитата“, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи од собраниската говорница на седницата за Предлог – буџетот за 2025 година.

Според Битиќи, власта прави уште една суштинска неправда врз работниците во јавниот сектор.

„Сведоци сме на длабока селективност за тоа ‘Кои граѓани заслужуваат повисоки примања, а кои не’. Амандманот предложен од СДСМ, со кој се бараше зголемување на платите во јавниот сектор за 3,5 милијарди денари, беше одбиен без сериозна дебата од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Овој амандман, не беше само обид за подобрување на животниот стандард на илјадници семејства, туку и начин да се покаже дека државата го почитува Општиот колективен договор. Но, наместо почит, договорот беше погазен, оставајќи ги вработените во јавниот сектор без јасен план за раст на нивните примања“, рече Битиќи.

Пратеникот на СДСМ, Битиќи, од собраниската говорница потенцираше, дека многу е поважно да се има буџет кој ќе вложува во луѓето, во инфраструктурата, во иновациите и во иднината, а не Предлог буџет без визија, како овој на ВМРО-ДПМНЕ.

Зачлени се на нашиот е-билтен