Практиката на користење на тужби за замолчување на новинарите, активистите и организациите за јавни набљудувачи е во пораст во Европа, покажа новиот извештај објавен во понеделникот, објвува ПОЛИТИКО.
Помеѓу 2010 и 2023 година, 1.049 стратешки тужби против учеството на јавноста познати како SLAPPs, беа поднесени низ 41 европска земја, од кои 166 беа поднесени само во 2023 година, според годишниот извештај на Коалицијата против SLAPPs, во соработка со Фондацијата Дафне Каруана Гализија.
Терминот SLAPP се однесува на случаи поднесени од моќни субјекти, како што се корпорации, јавни службеници и бизнисмени од висок профил, против приватни лица или невладини организации кои изразиле критична позиција за прашање од општествен или политички интерес.
Од анализираните 41 нација, Италија, Романија, Србија и Турција забележаа најраспространета употреба на стратешки тужби.
Новинарите и понатаму се примарна цел на ваквите случаи, а потоа следат медиумите, уредниците, активистите и невладините организации.
Во 2023 година, речиси половина од таквите тужби (42,5 проценти) беа поднесени од бизниси и бизнисмени, додека политичарите беа одговорни за повеќе од една третина (35,5 проценти).
„Навистина е загрижувачки што повеќе од една третина од овие случаи се поднесени од политичари“, рече Ема Бергманс, висок советник за политика и застапување во Free Press Unlimited, меѓународна организација за слобода на медиумите. Кога се вклучуваат политичарите, тоа предизвикува „поларизација и стврднување на општеството“, додаде таа.
Повеќето од тужбите беа насочени кон потиснување на гласовите кои ја разоткриваат корупцијата и еколошките прашања.