Блумберг: Администрацијата на Трамп побара од Србија да прифати депортирани лица

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Србија и други балкански држави да примат мигранти депортирани од САД,  јави Блумберг, повикувајќи се на извори запознати со преговорите, пренесоа српските медиуми.

Барањата до балканските држави да прифатат протерани мигранти од САД се во тек и се дел од поширока стратегија за наоѓање странски влади што се подготвени да прифатат мигранти, вклучително и оние кои влегле во САД под заштита на Џозеф Бајден, изјави извор за Блумберг кој сакаше да остане анонимен.

Регионалните одделенија на Стејт департментот добија задача да ја презентираат идејата до странските влади, рече изворот.

Блумберг наведува дека засега не е познато дали е постигнат некаков договор за прием на мигранти.

Медиумот наведува дека српскиот министер за надворешни работи, Марко Ѓуриќ, не одговорил кога бил контактиран од новинарите во средата.

Во мај, Врховниот суд на САД и дозволи на администрацијата на Трамп да го поништи привремениот правен статус на половина милион луѓе од Куба, Хаити, Никарагва и Венецуела. Администрацијата разгледува можни дестинации за мигранти од тие земји, рече изворот.

„Волстрит џурнал“ во април објави дека САД ја истражуваат можноста за испраќање депортирани лица на Балканот, и дека Косово и Молдавија се во игра, како и други локации низ целиот свет.

„Блумберг“ наведува дека Србија, која претходно не се сметаше за потенцијална дестинација за депортирани мигранти, е важна за семејството Трамп поради бизнис  причини. 

„Блумберг“ пишува за српскиот претседател Александар Вучиќ дека балансира помеѓу Истокот и Западот, а покрај тоа што е страствен обожавател на Трамп, одржувал врски со движењето MAGA дури и кога Трамп не бил на власт и бил меѓу првите што му честитал за неговата изборна победа во телефонски повик на кој одговорил Илон Маск.

Најстариот син на Доналд Трамп ја посети Србија неколкупати.

Блумберг пишува дека договорот за прифаќање на депортирани мигранти нема да биде без преседан во регионот.  

Зачлени се на нашиот е-билтен