Осумте месеци владеење на ДПМНЕ и ЗНАМ не доведоа до поголема економска стабилност. Цените на основните производи, електричната енергија, греењето и комуналиите растат.
Само поради инфлацијата на храната, нови 13.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата.
– Бојкотот на маркетите го покажа народниот револт од бескорисните владини мерки. Зголемувањето на профитот којшто го оствариле големите ланци на маркети само во период од околу една година е 40%. Ова дополнително го потврдува зголемувањето на минималната потрошувачка кошничка, која е недостижна за сѐ повеќе семејства.
Најавата за формирање независно тело за утврдување на потрошувачка кошничка само ја укажува намерата на Владата да манипулира со трошоците за живот на граѓаните заштитувајќи ги интересите на крупниот капитал.
Државата има должност да ги заштити ранливите и обезбеди достоинствен живот за работниците. Недозволиво е вработените за својата работа и труд да не добиваат месечен надоместок доволен за основните потреби. Затоа, Левица го повикува Мицкоски заедно со Владата да не глумат медијатори во процесот на преговори помеѓу работниците и работодавачите и итно и неодложно преземат чекори за зголемување на минималната плата, согласно барањата на работниците и синдикатите, се вели во соопштението од партијата.