Поранешниот претседател на Србија, Борис Тадиќ, изјави дека Србија е во специфична ситуација каде што владата „веќе го урнала уставниот поредок, а граѓаните веќе вовеле вонредна состојба“. Во интервју за Данас како единствен излез од таа состојба, тој гледа вонредни избори, на кои треба да им претходи создавање обединет фронт на студенти, граѓани и опозиција.
„Ако и кога (српскиот претседател Александар) Вучиќ ќе воведе формална вонредна состојба, не мислам дека тоа веќе е ниту релевантно“, рече Тадиќ во интервјуто за весникот „Данас“.
Според неговото мислење, „кога имате влада во државата која го изгубила својот легитимитет и која со години го крши Уставот и го уништува политичкиот живот, тогаш всушност немате моќ во вистинска смисла на зборот, па во такви околности, како што вели тој, единственото можно нешто било граѓаните да го преземат кормилото“.
„Со години, режимот систематски работеше на пасивизација на граѓаните, меѓутоа, и покрај годините заплашување, перење мозок и уништување на политичката свест, студентите успеаја да ги реактивираат граѓаните да учествуваат во политичкиот живот и да ја подигнат енергијата што беше мирна со години. Бидејќи режимот уништи секоја форма на институционална политика, вклучително и опозицијата, вклучувањето на граѓаните во политичкиот живот беше можно само на овој начин – на улица“.
Тој додава дека сите блокади не биле покренати од граѓаните, туку од властите кои според него, направиле секаква друга форма на учество во политичкиот живот невозможна.
„Откако 16 луѓе беа убиени во еден миг, единственото нешто во интерес на овој режим е да се повлече од власт. Ова значи свикување избори, на кои несомнено би изгубиле. Секако, ова значи дека секој што сторил кривично дело, не само во случајот со бетонската настрешница, туку и за сите злосторства во претходните 13 години, треба да биде повикан на одговорност“.
„Вучиќ е едноставно во фазата во која правно се наоѓа секој автократ на работ на пропаѓање. Оваа фаза секогаш се карактеризира со очајни мерки и прибегнување кон насилство, како и хистерично менување на наративот на дневна основа.“, смета тој.
„Распишување избори е апсолутно единственото решение за излез од оваа криза. Фактот дека режимот што свикуваше избори речиси секоја година сега бега од тоа, јасно покажува дека тие се свесни како како би поминале на тие избори. Сега не само што не свикуваат вонредни избори, туку и избегнуваат да свикуваат редовни и со тоа брутално го кршат законот, како што е случајот со избегнувањето на свикување избори за месните заедници во Нови Сад“, изјави Тадиќ.